Планот, како што рече Рангелов, предвидува и конкретни рокови за реализација: 24 часа за воспоставување оперативна координација, 48 часа за евиденција на критичните локации, 3 дена за утврдување на локациите за привремено сместување и 7 дена за доставување прв извештај до Советот на Општината

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Крива Паланка најави дека ќе поднесе официјално барање за свикување вонредна седница на Советот, на која ќе предложи усвојување на конкретен акциски план за трајно решавање на долгогодишниот проблем со неконтролираниот добиток.
Како што истакна координаторот на советничката група, Александар Рангелов, граѓаните со години трпат материјални штети, нивната безбедност е загрозена, а институционалното решение сè уште изостанува. За реализација на предложениот план се бара да се издвојат 2 850 000 денари од општинскиот буџет.
„Доста беше од прес-конференции, меѓусебни обвинувања и префрлања на одговорноста. Наместо да бараме виновници и да чекаме некој друг да ја заврши работата, ние подготвивме конкретен план кој содржи мерки, носители на одговорност, рокови за реализација, финансиска конструкција и механизам за контрола“,
рече Рангелов.
Акцискиот план на советничката група опфаќа неколку чекори.
Се предвидува итна евиденција на сите критични локации каде што се движи неконтролираниот добиток, обезбедување соодветни оградени простори и мобилни трла за привремено згрижување на животните согласно законските услови, како и обезбедување два трактора со преден утоварач, мобилна рампа и потребна механизација за пристап до критичните локации.
Во акцискиот план се предвидува и организирање 15 лица за логистичка поддршка со вклучување на расположливите капацитети на Јавното претпријатие „Комуналец“, обезбедување вода, храна и основни услови за благосостојба на привремено сместените животни, но и воспоставување непосредна оперативна координација со Агенцијата за храна и ветеринарство за законито заловување, транспорт и понатамошно постапување со добитокот.
Планот, како што рече Рангелов, предвидува и конкретни рокови за реализација: 24 часа за воспоставување оперативна координација, 48 часа за евиденција на критичните локации, 3 дена за утврдување на локациите за привремено сместување и 7 дена за доставување прв извештај до Советот на Општината.
Од ВМРО-ДПМНЕ упатија прашање до градоначалникот што од овие мерки Општината не е во можност да спроведе, нагласувајќи дека не бараат преземање на надлежностите на АХВ, туку исполнување на сопствените обврски и активно да учествува во решавање на проблемот.
Рангелов рече дека бараат Советот на Општина Крива Паланка на вонредна седница да го разгледа и усвои предложениот акциски план, со што ќе се утврдат конкретни задолженија, рокови и обврски за редовно известување за реализацијата.
„Ги повикувам сите советници, без разлика на политичката припадност, да го поддржат овој предлог. Ова не е прашање на партиска победа, туку на безбедноста на граѓаните и заштита на нивниот имот. Кога има волја се бара решение, кога нема волја се бара виновник“,
додаде Рангелов.
Инаку, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, вчера информираше дека заедно со сограѓаните, поднеле неколку кривични пријави поради сомневања за злоупотреба на службената положба, неспроведување на правосилните и извршни решенија за одземање на добитокот и загрозување на безбедноста и здравјето на граѓаните.
Митовски рече дека бараат да се испита одговорноста на надлежните службени лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот.
Исто така, рече дека поднеле и претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, како и барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот управен инспекторат поради неспроведување на решенијата.
Вчера од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) рекоа дека досега заловила 96 грла крупен добиток во Крива Паланка, но екипите на институцијата на терен се соочуваат со сериозни пречки – од непристапен терен до директни опструкции од поранешните сопственици на добитокот.
Оттаму потврдуваат дека во координација со сите надлежни институции и со локалната самоуправа работат на изнаоѓање одржливо решение во рамките на законските надлежности, водејќи сметка за здравјето на луѓето и благосостојбата на животните.
За в сабота, пак е закажан мирен протест поради неспроведувањето на решенијата за одземање на добитокот, кој и натаму се движи неконтролирано низ градот, навлегува во нивите и предизвикува проблеми за локалното население.
