Според информациите што ги објави ЕРТ, регрутирањето на членовите на мрежата започнало откако еден од петмината уапсени наводно се запознал со иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зиндапти во турски затвор

Оперативната соработка меѓу македонската и грчката полиција е на врвно ниво, а сега имавме и спречување на планиран терористички напад или атентат во Грција, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, во изјава за грчката државна телевизија ЕРТ.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Јанев нагласил дека во последните две години се изградени силни и тесни врски со директорот на грчката полиција, Димитрос Малиос.
„Засега, во овој момент, успеавме сето тоа да го спречиме врз основа на сите информации и дејствија кои ги презедовме на територијата на нашата земја, но и во тесна соработка со грчката полиција“,
посочил Јанев.
Тој додал дека цел на разоткриената иранска мрежа биле „лица и компании што егзистираат во Грција, односно во поголемите градови, вклучително и Атина“.
Според извештајот на грчката државна телевизија, Јанев го оценил предметот како особено чувствителен, нагласувајќи дека собраниот доказен материјал е доволен за покренување сериозни обвиненија против петмината уапсени, за кои македонското законодавство предвидува особено тешки казни.
Паралелно, властите на Северна Македонија, во соработка со грчката разузнавачка служба (ЕИП), интензивно трагаат по шесто лице поврзано со случајот, кое избегало во странство.
Според информациите што ги објави ЕРТ, регрутирањето на членовите на мрежата започнало откако еден од петмината уапсени наводно се запознал со иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зиндапти во турски затвор.
Во меѓувреме, иранската амбасада во Атина преку социјалната мрежа Икс ги отфрли ваквите наводи како „целосно неосновани тврдења на одредени медиуми кои припишуваат наводен терористички план на фактори поврзани со Иран“.
За лицето што било цел на напад/атентат во Грција сè уште нема официјална потврда, но во грчките медиуми преовладуваат три неофицијални сценарија – дека цел бил грчки бизнисмен со еврејско потекло, Израелец вработен во голема компанија во Грција, или лице поврзано со израелски интереси.
Инаку, на заедничка прес-конференција пред два дена директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, и директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, посочија дека во истрагата се опфатени вкупно шест македонски државјани на возраст од 29 до 73 години кои се од Скопје и од Куманово, а се лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземале подготвителни логистички активности за извршување терористички акт – атентат врз претходно дефинирано лице лоцирано во Грција.
Макеоднската Агенција за национална безбедност (АНБ) денеска соопшти дека разоткрила прокси-мрежа во земјава, поврзана со иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех. Според АНБ, станува збор за лице поврзано со други прокси-актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, меѓу кои и наркобосот Наџи Шарифи Зиндашти.
Израелската разузнавачка служба Мосад учествувала во спречувањето план за атентат, поврзан со Иран, чија цел била израелски директор во Грција. Операцијата, како што објави „Тајмс оф Израел“, била спроведена во соработка со безбедносните служби на Северна Македонија и Грција.
