Од Агенцијата потврдуваат дека во координација со сите надлежни институции, вклучително и со локалната самоуправа, работат на изнаоѓање одржливо решение во рамки на законските надлежности, водејќи сметка за здравјето на луѓето и благосостојбата на животните
И додека институциите бараат решение на терен, проблемот со кравите што со години слободно талкаат низ улиците и приватните имоти во градот стана повод за меѓусебни обвинувања меѓу градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски и локалниот огранок на владејачката ВМРО-ДПМНЕ
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) досега заловила 96 грла крупен добиток во Крива Паланка, но екипите на институцијата на терен се соочуваат со сериозни пречки – од непристапен терен до директни опструкции од поранешните сопственици на добитокот, велат од АХВ за МИА.

Оттаму за државната новинска агенција потврдуваат дека во координација со сите надлежни институции и со локалната самоуправа работат на изнаоѓање одржливо решение во рамки на законските надлежности, водејќи сметка за здравјето на луѓето и благосостојбата на животните.
„АХВ спроведува активности за решавање на проблемот со говедата, односно нивно заловување и покрај предизвиците со кои се соочува – непристапен терен и опструкции од поранешните сопственици. Се работи на изнаоѓање соодветно одржливо решение за решавање на овој проблем со координација и соработката со сите надлежни институции, вклучително и со локалната самоуправа, со цел заедничко преземање соодветни активности и изнаоѓање решение во рамки на законските надлежности на секоја институција, водејќи сметка за заштитата на здравјето на луѓето и благосостојбата на животните“,
велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
И додека институциите бараат решение на терен, проблемот со кравите што со години слободно талкаат низ улиците и приватните имоти во градот стана повод за меѓусебни обвинувања меѓу градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски и локалниот огранок на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Политички препукувања за надлежностите
Тензиите ескалираа откако од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат барање за вонредна седница на Советот на Општина Крива Паланка, придружено со акциски план за побрзо решавање на проблемот. Пратеникот Емил Спасовски го обвини градоначалникот дека бега од обврските што произлегуваат од Законот за локална самоуправа и Законот за јавна чистота, според кои општината е должна да ги отстрани животните од јавните површини.
„Ова го знае и тој, бидејќи на состанокот во Агенцијата за храна и ветеринарство, одржан минатата недела, на кој бил присутен, му било укажано дека согласно законите, дел од обврската е негова. Наместо да постапи по насоките и координирано да се пристапи кон решавање на проблемот, тој продолжува наместо градоначалник да биде аналитичар и да констатира дека постои проблем“,
изјави Спасовски.
На ова уследи реакција од градоначалникот Митовски, кој преку социјалните мрежи порача дека не знае со кого попрво да се бори – „со кравите или со ВМРО Паланка“, оценувајќи дека и едните и другите се „без контрола и без одговорност“. Објавувајќи решенија од АХВ за одземање на добитокот, тој ја обвини за лицемерие и отсуство од терен.
„Предлагаат вонредна седница на Советот за да расправа за нешто за кое Агенцијата за храна и ветеринарство веќе донела решенија за одземање на добитокот, а тие не се спроведуваат! Кое лицемерие!? Ваквото поигрување со маката на луѓето е понижување за секое семејство што трпи штети и за целиот град. Само едно не знам: со кои очи утре ќе ги погледнете овие луѓе!?“,
напиша Митовски на Фејсбук.

Во расправата се вклучи и претседателот на Советот на општината, Миле Трајковски, кој посочи дека сè уште не пристигнало формално барање за седница, но најави дека истото ќе биде прифатено. Тој јавно го покани пратеникот Спасовски, заедно со советниците, да присуствуваат на отворена седница веднаш по најавениот граѓански протест в сабота, потсетувајќи дека пратеникот претходно не се појавил на седницата на Кризниот штаб.
Спасовски денеска возврати со обвинување дека градоначалникот шири хистерија за да ја прикрие сопствената немоќ, порачувајќи дека е покоректно да признае оти не може да се справи со ситуацијата, отколку да бега од одговорност.
Барањата на градоначалникот Митовски до Владата
Пред ескалацијата на политичките препукувања, градоначалникот Митовски побара од Владата да му додели законски овластувања за самостојно координирање на акцијата на терен, без притоа да бара финансиска или техничка поддршка од централната власт. Тој вети дека доколку добие правен механизам, акцијата ќе ја спроведе за помалку од десет работни дена.
Претходно, минатата недела, Митовски побара од Владата и прогласување 30-дневна кризна состојба.
Инаку, проблемот со неконтролираното движење добитокот во Крива Паланка трае со години. Изминатиот период инспекторите на АХВ во неколку наврати се обидуваа да го одземат добитокот од одгледувачите – татко и две ќерки, но акциите поминуваа во тензична атмосфера поради попречување на службените лица. Поради ваквите инциденти, дел од сопствениците беа приведувани од полицијата, а Основното јавно обвинителство Крива Паланка во декември минатата година поднесе обвинителен предлог против таткото и двете ќерки за кривично дело – спречување службено лице во вршење службено дејствие.
Државата, пред повеќе од година и половина, формално ги одзеде кравите од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и од неговите три ќерки. Меѓутоа, тие се државни само на хартија, пишуваше „Призма“ кон крајот на декември
