Според информациите што ги објави телевизијата, вкупниот долг кон операторот за оваа група институции изнесува околу половина милион евра, а најголемиот дел од товарот паѓа токму врз факултетите, односно врз буџетот на Министерството за образование и наука (МОН)
Дополнително, не се исклучува можноста деновиве без струја да останат и дел од културните институции, а слична закана виси и над „Пошта на Северна Македонија“
Дел од факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и зградата на Ректоратот повторно имаат електрична енергија откако денеска наутро беа исклучени од мрежата, но само привремено. Како што објави телевизија Телма, операторот ЕВН им дал рок до петок да ги подмират неплатените сметки за струја, инаку во спротивно повторно ќе бидат исклучени. Проблем со наталожени сметки за стрија имаат и Клиничкиот центар, Пошта и дел од културнит установи.

Утринава во мрак останаа Машинскиот, Електротехничкиот, Природно-математичкиот и Земјоделскиот факултет, како и зградата на Ректоратот на УКИМ. По неколку часа и постигнат договор со снабдувачот ЕВН, снабдувањето со електрична енергија е нормализирано, но со услов – долгот да се плати до крајот на работната недела.
Според информациите што ги објави Телма, вкупниот долг кон операторот за оваа група институции изнесува околу 500 илјади евра, а најголемиот дел од товарот паѓа токму врз факултетите, односно врз буџетот на Министерството за образование и наука (МОН).
Неизвесно е дали до петок ќе бидат подмирени барем дел од фактурите или универзитетските згради повторно ќе се соочат со рестрикции. Дополнително, не се исклучува можноста деновиве без струја да останат и дел од културните институции, а слична закана виси и над „Пошта на Северна Македонија“.
Хроничен проблем: Држава должи милиони евра за струја
Исклучувањето на јавните институции поради неплатени сметки не е новина и се повторува од времето на енергетската криза, кога во мрак остана „МЖ Транспорт“, а Клиничкиот центар во Скопје се спаси во последен момент.
Сепак, финансиската слика во здравството и натаму е алармантна. Според податоците што Телма ги добила од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Клиничкиот центар, вкупниот долг за електрична енергија кон ЕСМ, ЕВН и Електродистрибуција достигнал 4,8 милиони евра.

Уште подраматична е состојбата со долговите на државните и јавните институции кон државните електрани (ЕСМ), каде што според последните ажурирани бројки, неплатените обврски надминуваат 24 милиони евра. И покрај тоа што Владата минатата година ги задолжи институциите да ги исчистат долговите кон ЕСМ, ефектот е спротивен – наместо да се намали, долгот пораснал за дополнителни 8 милиони евра.
На опасноста од трупање неплатени сметки деновиве предупреди и Фискалниот совет, од каде што апелираа итно да се реши проблемот со доспеаните, а неплатени обврски на министерствата, општините и јавните претпријатија, потсетувајќи дека во минатото ваквото неодговорно финансиско работење се третирало како кривично дело.
Политички реакции: Левица обвинува за неспособност и лоши приоритети
По денешното исклучување на струјата на УКИМ, со остра реакција се јави опозициската партија Левица, оценувајќи ја состојбата како „апсурд што звучи како политичка сатира“ и директен показател за неспособноста на актуелната власт.
„Државата што наводно чекори кон технолошка револуција, дигитална трансформација и економски препород не може да ја плати електричната енергија во образовните институции. Факултетите и Ректоратот на УКИМ во мрак, ’Пошта‘ и културните установи под закана од истата судбина. Ова е срамна слика за приоритетите во оваа држава и за способноста на власта да го обезбеди дури и најелементарното функционирање на јавниот систем“, наведоа о Левица во денешното соопштение.
Од партијата обвинуваат дека додека власта е окупирана со партиски кадровски комбинаторики, институциите се оставени во финансиска неизвесност и не можат да ги покријат ниту основните режимски трошоци.
Оттаму потсетуваат дека ова е трет ваков инцидент во образовниот сектор годинава – по прекините на струја, греење и топла вода во охридскиот студентски дом „Никола Карев“ во февруари и јуни (поради долг од над 3 милиони денари), како и исклучувањето во студентскиот дом „Пелагонија“ поради долг од над 7 милиони денари. Левица побара итно подмирување на сметките и утврдување одговорност.
