Симеон Сакскобурготски ја даде изјавата во Брисел, каде што рече дека случајно се сретнал со премиерот Христијан Мицкоски
Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети и поранешен премиер на Бугарија, познат во тамошната јавност како Царот, изјави дека случајно се сретнал со премиерот Христијан Мицкоски во Брисел, каде што двајцата присуствувале на различни настани, пренесува бугарскиот портал „Актуално“.

Ова тој го откри одговарајќи на новинарско прашање каков совет би ѝ дал на Северна Македонија на патот кон Европската Унија. Според Сакскобурготски, многу од историските теми треба да им се препуштат на историчарите, а политичарите да се насочат кон практичните прашања.
„Вчера случајно се сретнав со премиерот и ми беше многу драго. Мислам дека дијалогот во секој поглед е позитивен. Добрососедските односи се само во корист на сите. Треба да вложуваме напори. Пак ќе кажам нешто што е можеби политички некоректно. Сметам дека многу теми би требало да ги следат и разгледуваат историчарите, а ние да гледаме напред, кон практичното и Северна Македонија да влезе во Европската Унија“,
рече Сакскобурготски.
На дополнително новинарско прашање дали Белград го држи клучот за европската интеграција на Скопје, тој одговори дека веќе не ги следи тие теми.
Сакскобурготски присуствуваше на церемонијата по повод 20 години од членството на Бугарија и Романија во Европската Унија, а Мицкоски престојуваше во Брисел на форум посветен на проширувањето на Европската Унија.
Симеон Сакскобурготски, последниот бугарски цар, го наследил престолот во 1943 година, на шестгодишна возраст, по смртта на неговиот татко, цар Борис Трети. По укинувањето на монархијата во 1946 година, заминал во егзил и најголем дел од животот во странство го поминал во Шпанија. Во 2001 година неговото Национално движење „Симеон Втори“ победи на парламентарните избори, а поранешниот цар стана премиер на Бугарија и ја водеше владата до 2005 година.
