Скопскиот градоначалник најави дека наредниот период ќе бидат отворени уште два фризерски-козметички салони во средното училиште „Димитар Влахов“, а од следната година во нив бесплатно ќе можат да се потстрижуваат и пензионерите од Скопје
Во најавените капитални проекти за наредниот период се изградба на нов мост и сообраќајница што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај, мост преку Вардар меѓу Ново Лисиче и Маџари, како и првата подземна улица во Скопје, која Ѓорѓиевски најави дека ќе биде изградена до крајот на неговиот мандат
Мегапарк на просторот на Вардариште, изградба на нови мостови кон Сарај и Маџари и прва подземна улица во Скопје се дел од проектите што вечерва ги најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во отчетот за едногодишното работење на чело на Градот Скопје.

Како главни резултати во отчетот ги посочи намалувањето на долговите на Градот и јавните претпријатија, деблокирањето на капиталните проекти и почетокот на нов инвестициски циклус.
При преземањето на функцијата рече дека затекнал долг од речиси 300 милиони евра, финансиски оптоварени јавни претпријатија и повеќе заглавени инфраструктурни проекти.
Според податоците што ги презентираше, во изминатата година тековните обврски на Град Скопје се намалени за 322 милиони денари. Дополнително, биле сервисирани обврски од 743 милиони денари по основ на кредити, експропријации, судски постапки, субвенции и други активности.
Намалување на долговите кај јавните претпријатија
Најголемо намалување на долговите е регистрирано во ЈП „Водовод и канализација“, каде обврските се намалени за 1,66 милијарди денари, додека долгот на ЈСП е намален за 634 милиони денари. Намалени биле и обврските на претпријатијата „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Градски паркинзи“ и „Улици и патишта“.
Во делот на инфраструктурата, Ѓорѓиевски ги издвои реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“, изградбата на клучката кај Момин Поток, булеварот „Македонија“, новиот мост меѓу улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, како и пристапните сообраќајници кон мостот „Генерал Михајло Апостолски“.
Реконструирани, како што рече, се и повеќе улици во општините Гази Баба, Аеродром, Бутел, Чаир и Шуто Оризари, а поставени се околу 2 000 заштитни столпчиња за поголема безбедност во сообраќајот.
Меѓу проектите што биле деблокирани ја посочи и изградбата на пречистителната станица во Трубарево, која, според него, е реализирана повеќе од 40 проценти. Ѓорѓиевски ја оцени како најголема еколошка инвестиција во државата, која треба да придонесе за заштита на Вардар и животната средина.
Сто нови еколошки автобуси
Во јавниот превоз, како што информираше, се отстранети пречките за реализација на БРТ-системот, а од септември во функција е градскиот воз на релацијата Зелениково – Скопје.
Според податоците што ги презентираше градоначалникот, ЈСП во првите шест месеци од годинава заштедило околу половина милион евра за гориво во споредба со истиот период лани, и покрај зголемениот број автобуси во сообраќај.
„По цела деценија Скопје ќе добие 100 нови еколошки автобуси“,
рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски се осврна и на комуналната хигиена, најавувајќи дека во тек е набавка на 3 300 нови контејнери, што ја оцени како најголема набавка на садови за отпад во последните децении.
Воедно, се набавуваат и специјализирани возила за одржување на чистотата.
„Чист град се одржува со секојдневен труд, организација и опремени служби. Со голема акција го исчистивме Скопје и ја оставивме зад нас сликата на преполни контејнери, натрупано ѓубре, диви депонии и нечисти јавни површини“,
вели тој.
Мегапарк од 600 000 квадратни метри
Меѓу најавените проекти е и трансформацијата на просторот на поранешната депонија Вардариште во мегапарк со површина од околу 600 000 квадратни метри. Паралелно, се реализираат активности за уредување зелени површини, зелени коридори и нови паркови во повеќе општини.
„По физибилити студија забрзано се одвива одгасувањето на Вардариште и безбедното отстранување на површинскиот мешан и градежен отпад. Таму ќе подогнеме современ мегапарк од околу 600 000 квадратни метри. Простор за рекреација и чист воздух. Тоа ќе бидат новите бели дробови на градот Скопје“,
кажа скопскиот градоначалник.
Обезбедени се средства за изградба на нова противпожарна станица во Аеродром, а набавено е и специјализирано противпожарно возило. Инвестиции, како што рече, има и во образованието, преку опремување училишни кабинети и лаборатории.
Во делот на дигитализацијата, Ѓорѓиевски ги посочи електронската достава и плаќањето на данокот на имот, како и изработката на дигитална реплика на Скопје, која треба да овозможи подобро урбанистичко планирање и носење одлуки. Промовирана е и алатката „ЕкоСкопје“ за електронско пријавување и следење на пријавите за еколошки проблеми.
Прва подземна улица и нов мост меѓу Ново Лисиче и Маџари
За наредниот период најави нови капитални инвестиции, меѓу кои мост и сообраќајница што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај, нов мост преку Вардар меѓу Ново Лисиче и Маџари, како и изградба на првата подземна улица во Скопје до крајот на мандатот.
Оцени дека првата година била посветена на стабилизација на состојбите и создавање основа за понатамошен развој на градот.
„Пред една година побарав да верувате дека можеме. Денес ви ги претставувам делата со кои ја оправдуваме таа верба. Ќе продолжиме со уште поголема решителност сè додека промената не стигне до секое скопско маало“,
рече Ѓорѓиевски.
Бесплатно потстрижување за пензионерите
Во средното училиште „Димитар Влахов“ е отворен современо опремен фризерски-козметички салон за практична настава.
„Учениците добија простор во кој ќе ги усовршуваат техниките, ќе работат со професионална опрема и ќе учат да комуницираат со клиенти. Да излезат од училиштето, подготвени за својата професија“,
додаде тој.
Најави дека во наредниот период ќе бидат потворени уште два такви салони.
„Од наредната година таму бесплатно ќе се потстрижуваат пензионерите во градот Скопје“,
вели Ѓорѓиевски.
Овие резултати, како што додаде, се плод на заедничка работа и порача дека целта е да се остави градот во подобра состојба од онаа во која бил затекнат.
На крајот од отчетот, Ѓорѓиевски рече дека е свесен оти голем дел од проблемите и очекувањата на граѓаните сè уште чекаат решение, поради што, како што нагласи, работата на градската администрација ќе продолжи со засилено темпо.
