„И самиот Христијан Мицкоски изјави дека нè очекуваат тешки денови и тешка година. Затоа, за да се одговори на предизвиците и да се понудат решенија за граѓаните, единствениот излез се предвремените парламентарни избори“, вели лидерот на ДУИ
Претседателот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, смета дека предвремени парламентарни избори се единствениот излез од актуелната политичка состојба во државата, која, според него, е соочена со сериозни предизвици.

Тој во изјава за ТВ 21 вели дека се неопходни избори за да се понудат решенија за проблемите на граѓаните.
„Единственото решение за државата е одржување предвремени парламентарни избори. И самиот Христијан Мицкоски изјави дека нè очекуваат тешки денови и тешка година. Затоа, за да се одговори на предизвиците и да се понудат решенија за граѓаните, единствениот излез се предвремените парламентарни избори“,
вели Ахмети во изјава за ТВ 21.
На прашањето дали е оптимист дека ќе се одржат предвремени избори, лидерот на ДУИ вели:
„Сметам дека друго решение, освен избори, не постои.“
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, минатата недела изјави дека во моментов е неодговорно кон државата да се организираат предвремени парламентарни избори, иако, како што рече, ако се гледа од политички аспект, на неговата партија тоа ѝ одговара.
