Партијата изрази загриженост поради преземањето на фармацевтската компанија „Феникс Фарма“ од страна на српската компанија ВЕГА, посочувајќи дека само во 2026 година компанијата добила над 50 јавни договори со Министерството за здравство и повеќе клиники, меѓу кои и договори за набавка на инсулин во вредност од околу 10 милиони евра
По влегувањето на српскиот капитал во банкарскиот и телекомуникацискиот сектор, опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази загриженост во врска со нејзиното проширување во фармацевтскиот сектор, конкретно во снабдувањето со инсулин и други витални лекови.

Портпаролката на ДУИ, Арта Билали-Зендели, денеска на прес-конференција изјави дека фармацевтската компанија „Феникс Фарма“ е преземена од страна на српски бизнисмен од индустријата на казината и обложувачниците. Таа посочи на одлука на Комисијата за заштита на конкуренцијата од 3 април 2025 година, со која, како што рече, е одобрено преземањето на „Феникс Фарма“ од страна на српската компанија ВЕГА, поврзана со Дејан Чакајац, косопственик на компанијата за игри на среќа „Моцарт“.
„Но, за каква компанија станува збор? Само во текот на 2026 година, ‘Вега Фармацеутикал’ има добиено над 50 јавни договори со Министерството за здравство и различни клиники, во вредност од повеќе милиони евра! Само за инсулин околу 10 милиони евра! Значи, институцијата која треба да ја штити конкуренцијата го одобри пренесувањето на снабдувач со доминантна улога во тендерите за инсулин под контрола на српски бизнисмен од индустријата на игри на среќа. Инсулинот не е обичен бизнис – тој е витален лек, а неговото снабдување е прашање на здравствената безбедност на државата“,
рече портпаролката на ДУИ на денешната прес-конференција.
Од партијата прашуваат кој го проценил ризикот за безбедноста на снабдувањето со инсулин, зошто Комисијата го дала одобрувањето и дали имало политичко влијание врз одлуката. Прашуваат и дали членот на Комисијата од редовите на Влен, Валон Елези, бил запознаен со ова.
„Бараме целосно објавување на анализата врз чија основа е одобрена трансакцијата, како и на сите договори за инсулин за периодот 2025-2027 година. По банките и телекомуникациите, сега се поставува прашањето и за контролата врз инсулинот. Банките се поврзани со нашите пари. Телекомуникациите со нашите комуникации. Но, инсулинот е поврзан со животот на луѓето. Доколку оваа компанија се соочи со проблеми во Србија, дали ќе биде загрозена земјава во однос на снабдувањето со лекови и инсулин?“,
велат од ДУИ.
