Оттаму велат дека 31-годишниот К.К. е приведен во неговиот дом, а лишувањето од слобода било на барање на обвинителот од ОЈО Охрид

Осомничениот за насилството врз 26-годишната охриѓанка попладнево е лишен од слобода, потврдуваат од охридската полиција за „360 степени“.
Оттаму велат дека 31-годишниот К.К. е приведен во неговиот дом, а лишувањето од слобода било на барање на обвинителот од ОЈО Охрид.
„Пред малку, по барање на обвинителот, лицето е лишено од слобода и очекуваме понатамошни насоки по кои ќе постапиме“,
велат од СВР Охрид.
Приведувањето на охриѓанецот, кој е осомничен за тепање на својата партнерка, доаѓа откако претходно му беа определени мерки на претпазливост.
Претходно денеска од МВР информираа за случајот, кој ја вознемири јавноста, и рекоа дека тој бил пријавен вчера во раните утрински часови, кога по вербална расправија во неговиот дом и во автомобил, пријавениот физички ја нападнал 26-годишната девојка. Девојката од силината на ударите изгубила свест и паднала, по што била хоспитализирана со тешки телесни повреди.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишниот К.К. од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело тешка телесна повреда, по член 131 став 3 од Кривичниот законик.
По преземените полициски мерки, истиот ден во 5:05 часот наутро, К.К. бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. По барање на Основното јавно обвинителство (ОЈО), Основниот суд во Охрид донесе решение со кое на осомничениот му се изречени мерки на претпазливост и тој беше пуштен.
Со реакција за случајот излегоа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ кои го обвинија Обвинителството за скандалозната одлука за определените мерки за претпазливост. Од СДСМ, пак, побараа заштита на претепаната девојка и одговорност за сите лица од ВМРО-ДПМНЕ кои, според партијата, се обиделе да го прикријат насилството. Од Форум на жени на СДСМ за утре попладне најавија протест пред СВР Охрид во знак на поддршка на претепаната охриѓанка, но и на сите жени жртви на насилство.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска, одговарајќи на новинарски прашања за овој случај, рече дека интензивно се работи на расветлување на сите аспекти и се очекува исказот на оштетената, а во текот на денот и јавнообвинителска одлука.
