Сепак, министерот за транспорт Шон Дафи најави враќање во нормална состојба до понеделник. Истовремено, авиокомпаниите настојуваат дека ќе воспостават редовен распоред во редот на летање по целосниот прекин на воздушниот сообраќај

Нарушувањето во воздушниот сообраќај во Соединетите Американски Држави (САД) продолжи трет ден по ред, при што само денеска беа засегнати повеќе од 5 200 летови.
Сепак, министерот за транспорт Шон Дафи најави враќање во нормална состојба до понеделник. Истовремено, авиокомпаниите настојуваат дека ќе воспостават редовен распоред во редот на летање по целосниот прекин на воздушниот сообраќај.
Според податоците на интернет-страницата „ФлајтАвер“ која го следи воздушниот сообраќај, денеска низ целата земја биле откажани повеќе од 1 600 летови, додека речиси 3 600 доцнеле. Во саботата авиокомпаниите откажале повеќе од 6 400 летови, а над 8 000 доцнеле.
Дафи денеска изјави дека нема докази за кибернетски или друг злонамерен напад, но причината за инцидентот и понатаму е нејасна.
Дафи рече дека воздушниот сообраќај денеска ќе се врати во нормала, а во понеделник веројатно во целосно нормална состојба. Тој истакна дека приоритет на Сојузната управа за воздухопловство е безбедноста на патниците.
Сојузната управа за воздухопловство во петокот издаде наредба за целосен прекин на воздушниот сообраќај на ниво на целата земја, поради што речиси сите појдовни летови беа запрени околу пет часа. Тоа беше најдолгиот прекин на воздушниот сообраќај во САД уште од терористичките напади на Ал Каеда врз Соединетите Американски Држави на 11 септември 2001 година.
