Претседателот на САД Доналд Трамп за првпат јавно носеше заштитна маска на лицето, од стартот на ковид-19 пандемијата. Тоа се случи денеска, при неговата посета на воената болница „Валтер Рид“, каде се сретнал со ранети војници и медицинскиот персонал.
„Никогаш не сум бил против маските, но верувам дека има време и место кога да се носат“,
изјави Трамп.
Досега сепак, Трамп изјавуваше дека нема да носи маска и се подбиваше со ривалот од Демократската партија Џо Бајден кој носи маска. Па сепак денеска тој изјави и дека:

„Мислам дека кога сте во болница, особено во околности кога разговарате со многу војници и луѓе кои, во некои случаи, само што се излезени од операциона сала тогаш е одлична работа да се носи маска“,
изјави Трамп по посетата на болницата.
Промената на „тонот“ доаѓа ден откако САД регистрираа рекордни 66 528 нови случаи на ковид-19 за еден ден.
Што велеше Трамп за маските?
Кога центарот за контрола на болести на САД во април почна да им препорачува на луѓето да носат маски или други текстилни прекривки преку лицето со цел да се спречи ширењето на вирусот, Доналд Трамп изјави дека нема да ја следи препораката.
„Мислам дека нема да го правам тоа. Да носам маска кога се среќавам со претседатели, премиери, диктатори, кралеви, кралици – не гледам како е тоа возможно“,
изјави Трамп во април.