Киев не е подготвен да отстапи територија, но ако добие мировен договор со безбедносни гаранции, средства за обнова и можност да задржи силна армија, за него би одлучувале граѓаните на референдум, изјави украинскиот претседател

Американските преговарачи го отвориле прашањето дали Украина би ги повлекла своите сили од делот на Донбас што сè уште го контролира во замена за членство во НАТО, откри украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според него, ова е првпат во преговорите за завршување на војната, можниот прием на Украина во Алијансата да се поврзе со повлекување од источниот регион.
„Американците прашаа: ‘Што ако Украина влезе во НАТО? Дали Украина би се повлекла од Донбас’“, рече Зеленски во изјава што неговиот кабинет ја објави денеска, по последната рунда преговори со Русија во Абу Даби.
Зеленски рече дека со западните партнери разговара за конкретни безбедносни гаранции од НАТО и од Европската Унија. Ако тие гаранции бидат потврдени како дел од поширок договор, кој би опфатил и финансирање на украинската армија и обнова на земјата, тој би го ставил договорот на референдум. „Немам право сам да ја донесам таа одлука“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател смета дека со американското прашање членството во НАТО повторно се нашло на преговарачката маса. Рускиот претседател Владимир Путин со години го посочува влезот на Украина во Алијансата како црвена линија за Москва. Дводневните разговори во Абу Даби, со посредство на САД, завршија без пробив за територијалното прашање, но со договор за размена на повеќе од илјада заробеници. Точниот број сè уште се усогласува, според Зеленски.
Киев бара укинување на ограничувањата на „Старшилд“
За статусот на окупираните украински територии Зеленски зборуваше и во синоќешното обраќање, по повод ограничувањата на американскиот сателитски систем „Старшилд“. Тој рече дека ограничувањата важат вдолж целиот фронт и на териториите под руска окупација и дека поради нив украинските сили потешко ги пресретнуваат руските дронови „шахед“ на млазен погон. Според него, тоа ѝ испраќа сигнал на Москва дека Вашингтон би можел поинаку да ги третира деловите од Украина што се под руска контрола.
Група од 105 американски конгресмени од двете партии побара од администрацијата на претседателот Доналд Трамп и од компанијата „Спејс екс“ на Илон Маск да објаснат како и зошто е ограничено користењето на системот и веднаш да ѝ го вратат целосниот пристап на украинската војска.
