„Владата се избира со мнозинство од 61 пратеник во парламентот. Ние имаме мнозинство кое е многу повеќе од 61 пратеник, така што Владата е стабилна, односно најстабилна во овој дел на Европа, можеби и пошироко. Продолжуваме да го испорачуваме за граѓаните она коешто е важно, еве, како овој објект и друг тип политики“, рече премиерот прашан дали е загрозена владината стабилност, со оглед на тоа што Максим Димитриевски најави дека ЗНАМ ќе ја напушти Владата ако не се договорат за полагањето на правосудниот испит
Во текот на декември ќе биде организирана лидерска средба на ниво на коалициските партнери во Владата – најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Ваквата најава следува откако лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, минатата недела рече дека од премиерот ќе побара лидерска средба на која, како што рече, со коалициските партнери првпат би разговарале за прашањето за начинот на полагањето на правосудниот испит.

„Да, точно, разговаравме за коалициска лидерска средба и рековме дека во рамките на декември ќе организираме таква коалициска лидерска средба“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштање во употреба на градинка во Инџиково.
На прашањето дали е загрозена владината стабилност, со оглед на тоа што Максим Димитриевски најави дека ЗНАМ ќе ја напушти Владата ако не се постигне договор за полагањето на правосудниот испит и се дозволи тој да се полага на друг јазик освен на македонскиот, премиерот рече:
„Владата се избира со мнозинство од 61 пратеник во парламентот. Ние имаме мнозинство кое е многу повеќе од 61 пратеник, така што Владата е стабилна, односно најстабилна во овој дел на Европа, можеби и пошироко. Продолжуваме да го испорачуваме за граѓаните она коешто е важно, еве како овој објект и друг тип политики.“
Мицкоски потврди дека разговарал со Димитриевски, а за ставовите на лидерот на ЗНАМ за полагањето на правосудниот испит, како што кажа, треба да се праша лично тој.
Во одговор на новинарски прашања, премиерот рече дека решението кое е доставено до Венецијанската комисија за правосудниот испит е тој да се полага во два дела. Првиот, односно теорискиот дел во кој е содржан материјалот од додипломските студии, да може да се полага на јазикот на кој студентот го формирал своето високо образование во земјава, а е различен од македонскиот – албански, турски или англиски – а вториот дел од испитот, во кој се симулираат два судски процеси, кривичен и граѓански, да се полага на македонски јазик.
