Партијата обвини дека премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, врши притисок врз Обвинителството во врска со случајот со Алта банка и побара Обвинителството да постапува по закон
Опозицискиот СДСМ и денеска го повика државниот јавен обвинител Ненад Савески да постапи во врска со кривичните пријави што партијата ги поднесе против гувернерот Трајко Славески и останати службеници на Народната банка и да им одреди мерки на претпазливост, вклучително и времена забрана за вршење на функцијата, за, како што велат, да се спречи влијание врз сведоците, уништување на документацијата и доказите.

„Трајко Славевски самиот се обвини – дал дозвола за работа на банка што, според информациите во Србија, служела за перење пари нелегално стекнати преку криминал и корупција. Последните информации се дека постојат сомнежи и за печатење пари. Славевски јавно призна дека одлуката за Алта банка ја донел во консултации со Мицкоски. Затоа СДСМ поднесе кривична пријава против него и против сите инволвирани во внесувањето на Алта банка во Македонија. Сега на ред е обвинителот Савески веднаш да постапи по кривичната пријава“,
изјави на денешната прес-конференција членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски.
Партијата обвини дека премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, врши притисок врз Обвинителството во врска со случајот со Алта банка и побара Обвинителството да постапува по закон.
„Гледаме во Србија што се случува со обвинителите што слепо ги слушале наредбите на Вучиќ. Се очекуваат апсења на главните обвинители што ѝ служеле на организираната криминална група и на режимот на Вучиќ. Затоа Савески мора да покаже дека работи независно и по закон“,
додава Фрчкоски.
СДСМ обвини дека премиерот лажел за случувањата со Алта банка на надзорната седница во Собранието и затоа, повторуваат од партијата, потребна е брза и силна реакција од Обвинителството.
