На последниот ден од изборната кампања не престануваат да „пукаат“ нови таканаречени “бомби”. На јутјуб каналот „Обнова на режимот“ утринава се објавени две нови аудио-снимки на кои се слуша гласот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а според описот на снимките се работи за разговори со независните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои тој ги исклучи од партијата.
Разговорите се објавени во две снимки насловени како „Најважна работа се предметите на СЈО“ и „Лицемерие на Мицко“ и траат по триесетина секунди.
На првата се слуша како Мицкоски зборува за активности кои се важни, а како трета и можеби најважна активност го споменува Законот за јавно обвинителство.
„Понатаму, третата активност којашто е не помалку важна, а можеби и најважна е Законот за јавно обвинителство. На комплетно нелегален начин ги префрлија предметите таму кадешто ги префрлија и тоа за нив е сосема доволно за да продолжат политичките притисоци, уцени и закани. И имаат желба понатаму да има решение по закон, иако фингираат преговори и пред меѓународна заедница и пред нас и така натамау“,
вели Мицкоски.
Во втората снимка тој им објаснува на независните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ дека барал од општинските комитети да не ги напаѓааат.
„Јас изминатиот период како претседател на ВМРО-ДПМНЕ неколку пати ја поминав Македонија, вклучително и за претседателските избори, ниту еднаш… А, во општинските комитети, секаде без исклучок, претпоставувам ви пренесуваат, барав да не бидете напаѓани“,
вели Мицкоски.
Потоа се слушаат нејасни коментари од останатите присустни, а Мицкоски вели:
„Епа еве, јас ви го кажувам тоа“,
додава тој.
Во октомри 2018 година Мицкоски ги исклуччи од партијата оние пратеници кои решија да гласаат за уставните измени по референдумот за името.
Овие пратеници пред десетина дена се огласија преку соопштение во врска со дел од „бомбите“ на кои се слушаат разговори меѓу Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец.
„Иако одамна сме разочарани од тоа што ѝ се случува на нашата партија, сепак, не очекувавме дека Мицкоски може да оди дотаму, да кочи закони за да штити криминал, со цел, финансиски бенефит. Мицкоски не обвинуваше нас дека сме земале пари да гласаме, а тој се слуша дека само гледа личен интерес. Јавноста сега се увери дека ние одбивме да постапиме спротивно на интересите на нашата држава и нашиот народ, како што тоа го правеа други наши колеги по нарачка од Мицкоски“,
наведоа во соопштението.