Одговарајќи на обвинувањата на пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ја образложи хронологијата на преземањето на банката и рече дека Министерството за финансии немало надлежност во регулаторната постапка, не помогнало да се случи продажбата ниту, пак, сопственикот да се стекне со мнозински пакет акции од Алта банка
Според неа, само едно јавно претпријатие има сметка во Алта банка Битола, но во многу мал износ, стотина илјади денари
Министерството за финансии нема надлежност за надзор над банките, издавањето и одземањето дозволи за работа, оценувањето на исполнетоста на законските услови за стекнување квалификувано учество, како и преземањето надзорни и корективни мерки. Тие се во надлежност на Народната банка како независна институција.
Ова денеска го кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во текот на надзорната расправа во Собранието за случувањата со Алта банка АД Битола.

„Одлуките во банкарскиот сектор мора да се носат врз основа на закон, стручни процени и утврдени процедури. Секако, финансиската стабилност бара соработка, размена на информации и координација меѓу институциите. Но, соработката не значи преземање туѓи надлежности ниту, пак, одговорноста на една институција може да се префрли на друга само зашто тоа некому политички му одговара“,
рече министерката за финансии во своето воведно обраќање.
Пратеникот на опозицискиот СДСМ, Фатмир Битиќи, побара од Димитриеска-Кочоска да ја каже нејзината улога во носењето на владините заклучоци од 23 септември 2025 година, со кои 16 јавни институции биле повикани да ја разгледаат понудата на Алта банка за откуп на нивните акции во Стопанска банка АД Битола. Тој побара од министерката да одговори колку акции продале 16 институции, по која цена и врз основа на каква процена, зошто во постапката не било вклучено Државното правобранителство, како и дали по преземањето некој од политичките кабинети навистина давал инструкции или препораки да се насочуваат јавни средства кон оваа банка.
Одговарајќи на обвинувањата, Димитриеска-Кочоска ја образложи хронологијата на преземањето на банката и рече дека Министерството за финансии немало надлежност во регулаторната постапка, не помогнало да се случи продажбата ниту, пак, сопственикот да се стекне со мнозински пакет акции од Алта банка.
Според изјавата на министерката за финансии, на 1 септември 2025 година Народната банка дала претходна согласност за квалификувано учество, на 10 септември Комисијата за хартии од вредност издала дозвола за давање понуда за преземање, која била објавена на 11 септември. Во јавната понуда бил наведен 10 октомври како краен рок за акционерите да одлучат дали ќе ги продадат своите акции.
„На 19 септември имаме објава во ’Службен весник’, согласно која сопственикот се стекнал со 74 отсто на сопственост, иако прагот на успешност во тој период бил 70 проценти. Значи, до овој момент постапката се одвива со вклученост на Народната банка, Комисијата за хартии од вредност и заинтересираната банка. Тука веќе имаме објава во ‘Службен весник’ дека продажбата е успешно завршена“,
изјави Димитриеска-Кочоска.
На 23 септември, на седница на Владата се дискутирало за акциите што одредени државни институции ги поседуваат во банката и за можноста тие да ја прифатат или одбијат понудата за преземање. Министерството за финансии во оваа смисла ја образложило законската постапка, посочувајќи дека треба да се земе предвид членот 8-а од Изборниот законик, кој забранува отуѓување на државен капитал за време на изборен процес.
„Така што до тој момент мислам дека е јасно дека Министерството за финансии не дава никаква согласност за продажба, но клучниот момент, повторно ако ги земеме наназад сите обвинувања, е дека Министерството за финансии апсолутно немало никакво учество при преземањето на банката и купување кое завршува на 19 септември. Ние како Министерство немаме никаква надлежност во целата постапка за продажба бидејќи целата супервизија, контрола и надзор на банкарското работење е од страна на Народната банка“,
изјави министерката за финансии.
Димитриеска-Кочоска посочи дека состојбата е стабилна и оти нема никаков ризик од каква било финансиска нестабилност во државата поради случајот со Алта банка Битола.
„Буџетските корисници имаат сметки во трезорот, а единствените трансакции што се прават од Министерството за финансии (МФ) кон сите банки, не само кон Алта банка, се провизиите што се плаќаат кога се исплаќаат пензиите“,
додаде таа.
Министерството за финансии, напомена, не гледа никаков ризик од пропаѓање на какви било средства зашто буџетските корисници во Алта банка немаат ниту средства ниту депозити.
Според неа, само едно јавно претпријатие има сметка во Алта банка Битола, но во многу мал износ, стотина илјади денари.
„Од сите акционерски друштва и јавни претпријатија со кои стапивме во контакт, само едно имаше сметка која е во многу мал износ, стотина илјади денари, ништо повеќе од тоа. Повеќето од јавните препријатија и акционерските друштва немаат сметка во Алта банка. Но, во периодот што следува треба да достават изештај од администраторот и ќе видиме понатаму дали има нешто поинакво од она што јас сум го добила како информација“,
кажа таа.
