Забраните се однесуваат на емитување одредени емисии и реклами поради навреди кон членови на РЕМ, необележување изборна програма и непочитување на правилата за известување во текот на изборната кампања
Три телевизии во Србија – Информер, Курир и Прва, добија санкции од Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ). Изречени им се забрани за емитување одредени емисии и реклами поради прекршување на медиумските прописи, како навреди кон членови на регулаторното тело, необележување на изборна програма и прекршувања на правилата за известување за време на изборната кампања, пренесуваат тамошните медиуми.

На телевизијата Прва ѝ е изречена еднодневна забрана за емитување реклами поради навредите што водителот Миломир Мариќ ги упатил кон членовите на Советот на РЕМ во емисијата „Дан на дан“.
Мариќ, меѓу другото, ги нарекол членовите на Советот глупави, рекол дека за нив треба да се отвори „училиште за хендикепирани“, а упатил и алузии дека еден од нив е алкохоличар.
Правниот застапник на ТВ Прва образложил дека емисијата била дел од надворешна продукција и дека била отстранета од програмската шема уште пред РЕМ да ја покрене постапката. Советот го зел предвид ова како олеснителна околност, но оценил дека сериозноста на прекршувањето оправдува изрекување санкција.
Телевизијата Курир доби санкции поради прекршувања во информативните емисии „Дневник“ и „Вести“, додека Информер беше казнет поради навреди кон членови на РЕМ и претставници на невладини организации, како и поради необележување изборна програма и непочитување на правилата за известување за време на изборната кампања.
На Курир ѝ е забрането емитување на емисијата „Дневник“ во времетраење од еден ден и на емисијата „Вести“ во времетраење од два дена.
Најдолги мерки се изречени за телевизијата Информер.
Поради емисијата „Државник“, на телевизијата ѝ е забрането емитување реклами пет дена, во периодот од 18 до 21 часот. Изречена ѝ е и мерка предупредување, како и забрана за емитување на емисијата „Колегиум“ во два наврати, во времетраење од 10 и 15 дена.
Одлуката за санкциите за Информер била донесена едногласно, со шест гласа, по речиси пет часа расправа.
Советот на РЕМ одлучил да ја прекине постапката против телевизијата К1, откако го разгледал образложението на правниот тим на медиумот.
Според српските медиуми, на седницата присуствувале и претставници на телевизиите против кои се воделе постапките, додека пред седиштето на РЕМ се одржал протест на кој присуствувале и функционери на Српската напредна партија.
