Според шефот на македонската дипломатија, воспоставувањето постојано дипломатско присуство во Литванија ќе создаде дополнителни можности за економско, образовно, културно и технолошко поврзување на двете земји
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во рамки на работната посета на Литванија оствари билатерална средба со литванскиот министер за надворешни работи, Кештудис Будрис, и официјално ја отвори првата резидентна Амбасада на Република Северна Македонија во Вилнус.

На средбата со Будрис, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во фокусот биле натамошното унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка, евроинтегративната агенда, актуелните безбедносни предизвици и соработката во рамки на евроатлантското сојузништво.
Посебно внимание било посветено на европската интеграција, надминувањето на пречките и динамизирањето на пристапниот процес.
Муцунски изразил благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Литванија за стратешката цел на државата – полноправно членство во Европската Унија.
Ја реафирмирал посветеноста на Владата на спроведувањето на реформската агенда, како и конструктивниот пристап кон изнаоѓање заемно прифатливо решение во билатералниот дијалог со источниот сосед, засновано на европските вредности и принципи.
На свеченоста по повод отворањето на амбасадата, Муцунски истакнал дека повеќе од три децении двете држави градат пријателство засновано на меѓусебна почит, доверба и заеднички вредности.
Упатил и благодарност за солидарноста на Литванија по трагичниот пожар во Кочани, кога четворица од најтешко повредените пациенти биле примени на лекување во Вилнус и Каунас.
„Македонскиот народ нема да го заборави тоа. Семејствата во Кочани нема да го заборават тоа. И јас нема да го заборавам тоа“,
истакнал Муцунски.
Според него, воспоставувањето постојано дипломатско присуство во Вилнус ќе создаде дополнителни можности за економско, образовно, културно и технолошко поврзување на двете земји.
„Постојат можности за продлабочување на економските врски, зголемување на трговијата и инвестициите, поврзување на студентите, академската заедница и уметниците, како и за заедничка работа во областа на иновациите и дигиталната трансформација“,
рекол шефот на македонската дипломатија.
Амбасадата, додаде тој, дека ќе претставува мост меѓу Скопје и Вилнус, институциите, бизнис-заедниците и граѓаните на двете држави, создавајќи посилна основа за дијалог, соработка и нови можности.
