Според него, лидерите мора да одговорат на предизвиците со побрзо намалување на емисиите, забрзување на праведниот премин од фосилните горива и обезбедување финансиска помош и заштита на ранливите земји

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги повика светските лидери кои присуствуваат на Конференцијата КОП31 во Турција да преземат порешителни мерки против климатските промени. Тој предупреди дека ефектите од глобалното затоплување дополнително се влошуваат од исклучително силниот феномен „Ел нињо“.
„Влеговме во нова ера на климатски екстреми. Исклучително силниот феномен ’Ел нињо’ се судира со веќе прегреаната планета поради климатските промени предизвикани од човекот“,
рече Гутереш во изјава пред отворањето на конференцијата на ОН за климатки промени во Анталија.
Според него, лидерите мора да одговорат на предизвиците со побрзо намалување на емисиите, забрзување на праведниот премин од фосилните горива и обезбедување финансиска помош и заштита на ранливите земји.
Конференцијата доаѓа само неколку дена откако климатските научници предупредија дека 2026 година речиси сигурно ќе биде годината кога глобалното затоплување ќе ја надмине границата од 1,5 Целзиусови степени во споредба со прединдустриското време.
Домаќин на конференцијата оваа година е Турција, а ќе претседава турскиот министер за животна средина Мурат Курум. Се очекува претставници од околу 200 земји да присуствуваат на двонеделната конференција.
Климатските промени беа особено почувствувани во текот на изминатата година. Шумски пожари, смртоносни топлотни бранови, ненадејни поплави и суши се регистрирани на секој континент. Целта на конференцијата КОП31 е да се најдат начини за борба против климатската криза.
Парискиот договор, кој е во сила десет години, обврза околу 200 земји да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 Целзиусови степени во споредба со прединдустриските времиња за да се избегнат најлошите ефекти од климатските промени. Сепак, најновата прогноза на Обединетите нации покажува дека ако продолжат сегашните климатски политики, глобалните температури би можеле да се зголемат за дури 2,8 степени до крајот на векот.
