Во изминатите месеци илјадници мигранти се обидуваат да ја поминат опасната морска рута од Северна Африка до Грција, една од главните влезни точки на пат кон Европа. По оваа рута патуваат луѓе кои бегаат од конфликти и сиромаштија во Африка, на Блискиот Исток и во Азија
Дваесет мигранти загинаа во две одделни бродски несреќи во морската област јужно од грчкиот остров Крит, додека две лица се водат за исчезнати. Во тек се спасувачки операции на грчката крајбрежна служба и Фронтекс, а досега се спасени вкупно 133 лица од четири чамци, објави грчкиот портал „Прототема“.

Последната несреќа била откриена рано утрово кога товарен брод под мароканско знаме забележал чамец со мигранти на околу 15 наутички милји југозападно од Кали Лименес. По дојавата, на местото пристигнал патролен брод на грчката крајбрежна служба, кој спасил 18 лица и извлекол тела на 12 загинати мигранти.
Осум мигранти загинале во друг инцидент, во саботата попладне, кога грчките поморски власти добиле информација за чамец со мигранти во тешка состојба, југозападно од Кали Лименес.
Поради неповолните временски услови, во потрагата бил вклучен влекачот „Пирос“, кој по полноќ го пронашол чамецот во близина на товарен брод под панамско знаме. Од пловилото биле спасени 28 државјани на Судан, а било извлечено и телото на еден маж.
Во меѓувреме, биле спроведени уште две спасувачки операции јужно од Кали Лименес. Во првата, воздушно летало на Фронтекс открило чамец со околу 47 мигранти. Во втората, беспилотно летало забележало друго пловило со околу 40 лица. Мигрантите биле преземени од бродови на Фронтекс и требало да бидат пренесени до пристаништето Кали Лименес.
Според сведочењата на преживеаните од инцидентот во саботата, чамецот тргнал од Либија на 3 или 4 ноември, со намера да стигне до Грција. Секој од мигрантите за патувањето платил меѓу 12 000 и 16 000 либиски динари.
Тие изјавиле дека на 6 ноември двајца од патниците паднале во морето на непозната локација и оттогаш се водат за исчезнати.
Во рамки на истрагата, грчките власти уапсиле двајца државјани на Судан, на возраст од 28 и 16 години, кои преживеаните ги идентификувале како лица што го организирале криумчарењето.
Против нив е поднесена кривична пријава за незаконско влегување во земјата, помагање при незаконско влегување, формирање криминална група и предизвикување смртна опасност.
