„За да постои и да се вреднува правичната и соодветна застапеност, потребно е граѓаните од соодветната етничка припадност да се пријават на јавните и транспарентни огласи за прием на питомци на Воената академија. Истовремено, нема да отстапиме ниту од принципот во Армијата да бидат примени најдобрите од најдобрите“, се вели во соопштението од ресорното министерство
На конкурсот за прием на 29 питомци во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се пријавиле 99 кандидати, од кои 46 ги исполниле критериумите за селекција. Меѓу пријавените имало двајца кандидати од албанска етничка припадност, но едниот се откажал од постапката, а другиот се пласирал на 43. место на ранг-листата. Ова е реакцијата од Министерството за одбрана за денешните обвинувања од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) дека по првпат од основањето на Воената академија во 1995 година не е примен ниту еден кадет Албанец.

Според податоците што ги објави Министерството, од вкупно 99 пријавени кандидати, 95 биле Македонци, двајца Албанци, еден Ром и еден Влав.
Од Министерството ги оценуваат обвинувањата на ДУИ како популистички и паушални, предупредувајќи дека ваквиот начин на комуникација може да поттикне меѓуетничка нетрпеливост наместо да придонесе за објективно прикажување на фактите.
„За да постои и да се вреднува правичната и соодветна застапеност, потребно е граѓаните од соодветната етничка припадност да се пријават на јавните и транспарентни огласи за прием на питомци на Воената академија. Истовремено, нема да отстапиме ниту од принципот во Армијата да бидат примени најдобрите од најдобрите“,
се вели во соопштението од ресорното министерство.
Од Министерството додаваат дека конкурсната постапка била транспарентна, со објавување на огласот во два дневни весници на македонски и албански јазик, на веб-страницата на Министерството, како и преку соопштенија до медиумите и објави на социјалните мрежи на Министерството и Воената академија.
Нагласуваат дека и натаму ќе ја вреднуваат правичната и соодветна застапеност, која ја сметаат за придобивка за одбраната и Армијата.
Прелиминарната и конечната ранг-листа се објавени на веб-страницата на Воената академија.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска соопштија дека во Воената академија годинава не е примен ниту еден кадет Албанец, што се случува по првпат од основањето на институцијата во 1995 година.
Од партијата обвинуваат дека Влен не успеал да обезбеди соодветна застапеност на Албанците во институциите.
Сепак, според ДУИ, одговорноста не може да се сведе само на Влен, туку напоменуваат и дека Владата треба да разбере дека довербата меѓу политичките партнери не се гради преку декларации, туку преку почитувањето на принципите на еднаквост и правична застапеност.
