Станува збор за компанијата „Дуна асфалт“, во сопственост на Ласло Сиј, чиј бизнис-подем е поврзан со периодот кога на власт во Унгарија беше Виктор Орбан. Новата унгарска влада поднесе пријава за државното финансирање на еден од големите проекти на „Дуна асфалт“, а фирмата реши предвреме да ја отплати обврзницата
На прашањето како го коментираат тоа што во Унгарија е иницирана постапка за финансирањето на проект на „Дуна асфалт“, од македонското Јавно претпријатие за државни патишта велат дека постапката за избор на изведувач на автопатот Букојчани-Кичево почнала во јануари 2025 г. Во Унгарија власта се смени по изборите во април 2026 г.
Ова се најнови фотографии од експремиерот Никола Груевски направени во ресторан во Будимпешта. Груевски, кој сè уште e мета на папараци, се најде во објава на поранешниот унгарски пратеник и антикорупциски активист, Акош Хадхази, кој вели дека фотографиите се на негов сонародник. Фејсбук-постот од 22 октомври е вирален. Во него, покрај повиците Унгарија да расчисти со азилантите, авторот отвора и друг аспект:
„Олигархот на Орбан, Ласло Сиј, е сè уште на слобода, а патем, моментално гради автопат во Северна Македонија“,
напиша Хадхази.
Споменатиот проект е и деби на Ласло Сиј во земјава.

Беше продолжен викенд кога на 12 октомври, владина делегација од различни ешалони, предводена од премиерот, а придружувана од евроамасадорот и претставници на Европската банка за обнова и развој, го означи почетокот на изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево во должина од 11,5 километри. Тоа се и последните километри на кои нема или не е почната изградба на автопат од Скопје до Охрид.

Предвидени се по две сообраќајни ленти и една лента за застанување во двете насоки, пет моста, две клучки, два виадукта, тунел и придружни елементи.
„Сето ова значи една исклучително тешка работа и задача којашто ќе ја имаат изведувачите коишто ќе добијат целосна поддршка од Владата, од Министерството за транспорт, од Јавното претпријатие за државни патишта“,
кажа тогаш министерот за транспорт Александар Николоски.

Изградбата е доверена на конзорциум од романската подружница на австриската компанија „Штрабак“ и унгарската компанија „Дуна Асфалт“. „Штрабаг“ е присутен во земјава долги години. За „Дуна Асфалт“ ова е прв проект во Македонија. Нејзин сопственик е Ласло Сиј, споменат во фејсбук-објавата на доскорашниот унгарски пратеник.
„Ласло Сиј е еден од унгарските олигарси, можеби втор или трет по големина олигарх во Унгарија. Тој поседува огромно богатство, а до тоа богатство дојде така што добиваше државни, јавни набавки. За жал, мора да се знае дека повеќето јавни набавки во Унгарија беа изманипулирани. Значи, Ласло Сиј за своето богатство може да му се заблагодари на Орбан“,
вели Хадхази во изјава за „360 степени“.

Унгарските медиуми неретко ја информираат тамошната јавност за активностите на Ласло Сиј, особено по вртоглавиот раст на компании поврзани со него и со државни и општински тендери што ги добивале за време на владеењето на Виктор Орбан. Меѓу тие компании е и „Дуна Асфалт“. А Сиј успеал освен од Унагарија, да добие средства како субвенции и од Европската Унија.
Сиј моментално е петти на листата на „Форбс“ на најбогати Унгарци. На прво место е негов бизнис-партнер, Леринц Месарош.
Унгарскиот медиум „Атлатсо“ откри две луксузни јахти во сопственост на Сиј, преку малтешка офшор компанија. На една од нив, беше овековечено дружење меѓу него, други бизнисмени и претставници на унгарската влада. Засебно, во 2020-та, на истата јахта е „уловен“ и министерот за надворешни работи на Унгарија во владата на Орбан, Петер Сијарто.
Според „Атлатсо“, „елитата на режимот“ поседува и авион наречен „Ферари на небото“ кој го користел и Орбан. Патиштата на луксузната јахта и приватниот авион се вкрстувале во повеќе наврати.
Унгарија од април има нова власт предводена од Петер Маѓар. Летово тамошното Министерство за економија соопшти дека поднело кривична пријава против непознат сторител поради финансиски трансакции на „Ексимбанка“, меѓу кои и за финансирањето на проект на „Дуна Асфалт“ во Африка со обврзници. Наместо управниот одбор на банката, одлуката ја одобрило Министерството за економија – во својство на носител на сопственичките права на „Ексимбанка“.
Веднаш по пријавата, „Дуна Асфалт“ започна доброволен откуп на обврзниците, за како што беше соопштено, да го отстрани ризикот за унгарската држава.
„Вчера, нови јавни пари во износ од над 100 милијарди форинти се вратија во буџетот, а со тоа и кај унгарскиот народ. „Дуна Асфалт“, поврзана со деловниот партнер на Леринц Месарош, олигархот Ласло Сиј, објави, не долго по пријавата од Министерството за економија и енергетика, дека ќе им врати 400 милиони долари, односно повеќе од 100 милијарди форинти, на државните банки“,
кажа Маѓар.
Новата влада на Маѓар, преговара за дел од проектите кои „Дуна Асфалт“ ги добила за време на владеењето на Орбан. Други проекти, како на пример договорот за концесија на автопат во вредност од 63 милиони евра со корзоциум предводен од Месарош и Сиј е прекинат.
„Сè уште не е сосема јасно каков однос има сега новата влада со Ласло Сиј. Не знаеме многу за тоа. Во Србија е поинаку – таму, неколку дена по изборите олигарсите веќе се во затвор, но во Унгарија е малку поинаку. Ласло Сиј врати малку пари на државата, врати неколку милијарди, но засега изгледа како да може да продолжи со сè како и досега. Сè уште не знаеме дали навистина ќе биде така, ќе видиме“,
додава унгарскиот експратеник Хадхази.
Она што е сигурно е проектот во Македонија.

Градежниот конгломерат „Дуна“ преку соопштение се пофали дека „Дуна Асфалт“ заедно со „Штрабаг“ добиле инфраструктурен проект во вредност од 219 милиони евра. Кај нас, познато е дека се гради со позајмица и грантови.
„Финансирањето е преку заем кредит од ЕБРД, Европската банка за обнова и развој. Вредноста е 119 милиони евра. Благодарност до ЕБРД. Дополнително имаме грант од 20 милиони евра благодарност до Европската унија и господинот Рокас. Исто така имаме грант од 300 000 евра од ВБИФ, фондот на ЕУ за Западен Балкан за подготовка на тендерската документација“,
кажа директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.
Но, како токму меѓу изведувачите се најде компанијата на унгарскиот олихарх? Прашавме во Јавното претпријатие на државни патишта – кој го направи изборот. Еве го одговорот оттаму.
Изборот на Изведувач за делницата Кичево-Букојчани е извршен од страна на ЈПДП и ЕБОР согласно со процедурите за набавка на ЕБОР. Договорот е потпишан помеѓу договорните страни ЈПДП како инвеститор и заедничко вложување помеѓу Штрабак-Романија и ДУНА асфалт Унгарија – како изведувач, односно нивната подружница во Македонија.
Побаравме и увид во договорот. Но:
„Потпишаните договори се согласно со правилата и постапките на ЕБОР во форма на договор по ФИДИК правила (црвена книга). Имено, сите детали кои се однесуваат, а се во врска со склучениот Договор за изведба Кичево-Букојчани подлежат на ЕБОР ‘Политика за достапност на информации’ од октомври, 2024 година, донесена од Бордот на директори на ЕБОР. Во неа и документите кои произлегуваат од неа – се дефинирани начините на кои може да се има пристап до вакви информации и во кој облик. Во конкретниот случај извадоци на релевантни информации ќе бидат јавно достапни на веб-страницата на банката. Сакаме да потенцираме дека овој Договор е произлезен од Договор за заем и грант за изведба и надзор од ЕУ (ВБИФ) каде што е регулирано дека подлежи на правилата и процедурите на ЕБОР. Политиката за пристап до такви информации е достапна на веб-страницата на Банката“,
велат од ЈПДП.
Од досега јавно достапните информации на ЕБОР може само да се види дека во потесен круг влегле 7 компании и два конзорциума. Од двете фирми што како конзорциум го добиле тендерот, водечки партнер е „Штрабаг“. Договорот освен изградба, предвидува и одржување на автопатот во времетраење од 5 години.
На прашањето, пак, како ЈПДП го коментираат фактот што властите во Унгарија поднесоа кривична пријава за државното финансирање на проектот на „Дуна Асфалт“ во Африка, од јавното претпријатие велат:
Постапката за избор е започната на 30 јануари 2025 година, а заврши почеток на јули 2026 година, и како што веќе рековме, е согласно со процедурите на ЕБОР, кој ја супервизираше и ја одобри, при што се земени предвид само проекти коишто се завршени минимум 80 % во физички и финансиски обем со приложени докази во последните 5 години.
За унгарскиот експратеник, изборот е изненадување.
„Ова што сега го слушаме, дека Ласло Сиј добива можност во Македонија, за Унгарците е малку чудно, комично, па и во Македонија би требало да се размисли дали е најдобра идеја да се соработува со таква компанија или не“,
вели Хадхази.
Министерот за транспорт, пак, прочита поинаква порака.
„Драго ми е што вршителот на должност, вд амбасадор во Македонија беше на почетокот на градежни работи на Кичево – Букојчани, а и официјално објави честитка и поддршка за тој проект – унгарската амбада во Скопје, што сите знаат во дипломатијата, не може тоа да го направи само амбасадата, без координација со нивното Министерство за надворешни работи“,
рече Николоски при гостување во емисијата „360 степени“.

Автопатот Букојчани-Кичево треба да биде готов за четири години. Целта е да ги поврзе автопатите Охрид – Кичево и Букојчани – Гостивар, што би значело непрекинат автопат од Скопје до Охрид. За властите, поврзувањето од Кичево до Букојчани со автопатско решение ќе даде целосна смисла на Коридорот 8, што ценат дека дополнително ја истакнува стратешката позиција на земјава.
„Нека ни е со среќа почетокот на изградбаа и за четири години, толкав е рокот, се гледаме на пуштањето во употреба на овој значаен автопат“,
порача директорот Трајановски.
„Нека е со среќа, аирлија, и да се видиме на отворање“,
кажа и министерот Николоски.
Што ги мотивираше „Дуна Асфалт“ токму сега да конкурираат за работа во Македонија, прашавме во унгарската компанија, но одговор до затворањето на сторијата не пристигна.
