И натаму останува усвојувањето на уставните измени, рече Михалис Рокас, додавајќи дека земјава треба да направи чекори за унапредување на пристапните преговори. Тој во оваа смисла порача дека Европската Унија е подготвена да ги отвори преговорите со земјава веднаш штом бидат донесени потребните уставни измени, повикувајќи ги сите политички чинители на дијалог, соработка и забрзано спроведување на реформите
Откако на премиерот Христијан Мицкоски му го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, евроамбасадорот Михалис Рокас попладнево на прес-конференција накусо ја претстави неговата содржина. Рече дека со годинашниот извештај е нотиран засилениот ангажман на земјава во однос на Планот за раст што ја позиционира земјава како една од водечките со добри резултати во спроведувањето на реформите.

Евроамбасадорот додаде дека е забележан поголем напредок во однос на лани, особено во областите дигитална трансформација и образование и наука, вклучително и преку усвојувањето на законот за електронски комуникации. Истакна оти земјава постигнала и значително услогласување со законодавството на Европската Унија и останува една од кандидатките со највисоко ниво на подготвеност.
Сепак, додава тој, Извештајот ги идентификува и областите каде што е потребна поодлучна и порешителна акција и дејствување – независно судство, силни институции и борба против корупцијата, што се и клучни за членството.
„Извештајот покажува дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата со корупција во текот на извештајниот период. Ова бара посилни институции, ефективни гонења и истраги, како и опипливи резултати во справувањето со корупцијата на високо ниво. Судската независност мора да биде заштитена со заштита на судиите и обвинителите, како и заштитата на слободата на медиумите и слобода на изразување. Потребни се понатамошни напори и кога станува збор за јавната администрација, јавните набавки, енергетиката и заштитата на животната средина. Овие реформи не се само барања за пристапниот процес. Тие се од суштинско значење за подобрување на животот на луѓето, зацврстување на довербата во институциите и создавање можности за економски раст“,
порача Рокас.
И натаму останува усвојувањето на уставните измени, рече евроамбасадорот, додавајќи дека земјава треба да направи чекори за унапредување на пристапните преговори. Рокас во оваа смисла порача дека Европската Унија е подготвена да ги отвори преговорите со земјава веднаш штом бидат донесени потребните уставни измени, повикувајќи ги сите политички чинители на дијалог, соработка и забрзано спроведување на реформите.
„Нашата посветеност на вашата иднина во ЕУ останува сè уште цврста и непроменета. Извештајот за напредок за проширувањето 2026 е јасен патоказ за патот којшто е пред нас и сега е време да ги искористиме овие можности“,
порача амбасадорот на ЕУ во Македонија.
