Пред 26 години, падот на Милошевиќ донесе надеж за поинаква Србија, но многумина останаа разочарани од тоа што се случуваше потоа. Денес, по изборниот пораз на Вучиќ, таа надеж ја носи генерација која тогаш не била ни родена. Што дава надеж дека овој пат ќе биде поинаку
Филозофскиот факултет е едно од средиштата на студентското движење кое, по две години протести, успеа во она во што малкумина веруваа – да го победи Александар Вучиќ на избори. Филозофскиот факултет – меѓу студентите познат и како „Генералштаб“.

Тука полека се враќа студентското секојдневие. По уличните протести – повторно пријави за испити.
Изборната победа е зад нив. Сега следува потешкиот дел – што ќе испорача Студентската листа? Со 140 пратеници има комотно мнозинство, но таму се луѓе со различни убедувања, многумина без политичко искуство, па прашањето е – како ќе функционира тоа мнозинство.
Александар Ивковиќ од Центарот за современи политики, за 360 степени, вели дека првиот голем испит ќе биде колку брзо по конституирањето на парламентот, ќе се избере новата влада, за што на располагање ќе имаат 90 дена.
„Ова ќе биде првиот тест за студентската листа – да избере нова влада и да не ги чека тие 90 дена. Јас мислам дека тоа не би било добро за нив, бидејќи моментално во државата се случува сè и сешто и важно е новите власти да преземат одговорност што побрзо. Колку што слушаме, моментално внатре во студентското движење владеат преговори и договори околу тоа кој точно ќе ја сочинува новата влада и кој ќе добие кој ресор. Мислам дека и тие се свесни за одговорноста и големите очекувања кои постојат, и мислам дека ќе побрзаат со тоа сепак до крајот на оваа година, на пример, да се избере нова влада во Србија. И мислам дека таа во некој прв период, особено додека постои уште некое чувство во јавноста дека доколку направат голема грешка, тоа евентуално ќе му овозможи на Вучиќ да се врати или да се ослободи од одговорност и така натаму, сè додека постои тој притисок од јавноста, мислам дека тие ќе се трудат да работат ефикасно и што е можно подобро“,
вели Ивковиќ.

Една од дилемите е како ќе функционира таа влада произлезена од движење кое нема партиска основа ниту јасна идеологија, а главното спојно ткиво беше дека „Вучиќ мора да си оди“.
„Студентската листа објави во последната недела од кампањата подетална програма, програмски точки кои тие планираат да ги спроведат во борбата против корупцијата, правосудството, образованието, економијата, енергетиката. Значи, постојат планови што таа влада треба да направи. Тие планови веројатно ќе се преточат во програма на новата влада, односно експозе на мандатарот кога таа влада ќе биде избирана, и мислам дека тие ќе почнат да се водат според тие точки, така што ќе можат да функционираат во смисла на ориентација, ќе имаат конкретни цели пред себе. Е сега, дали ќе бидат доволно политички вешти да се зафатат со сите проблеми кои при примената на тие реформи сигурно ќе настанат, со некој отпор во институциите кој сигурно ќе се случи, тоа е отворено прашање и тоа ќе мораме да го видиме“,
анализира Ивковиќ за 360 степени.
А реформи се неопходни, особено во владеењето на правото, независноста на судството и обвинителството, за земјата да го продолжи својот, засега, стопиран пат кон Европската Унија.

Големи отворени прашања има и во делот на надворешната политика – прашањето за Косово, односот кон Русија и темата за санкции, нарушените односи со сосоедите, пред се Хрватска. Пред да се конституира, новата власт ја дочека и пропаста на Алта банка.

Вратите на банката се затворени, сопственикот е притворен, а последиците се чувствуваат и во Македонија каде Алта банка, која ја купи Стопанска банка Битола, е под принудна управа на Народната банка.
Меѓу најтешките задачи ќе биде и расчистувањето со партиските мрежи во државните институции. За нивното функционирање сведочи приказната за таканаречениот „Чациленд“.
Пионирскиот парк година и половина беше познат како „Чациленд“ во кој кампуваа поддржувачите на Вучиќ и СНС. Сега малку има траги од нивниот престој, паркот е вратен на користење на граѓаните и децата. Мојот соговорник е истражувачки новинар кој ја откри шемата на функционирање на кампот.
Саша Драгојло со години е дел од БИРН Србија. Една седмица пред изборите тој објави интервју со Момчило Марјановиќ, долгогодишен оперативец на СНС, кој откри дел од начините како СНС опстојувала на власт. Интервјуто, кое има еден и пол милион прегледи, беше непосредна потврда за она што дел од медиумите во Србија посредно го објавуваа со години.

„Мислам дека интервјуто на Момчило Маријановиќ практично го демонтираше целокупниот тој партократски систем на СНС, тој практично од прва рака зборуваше за она што тој лично го правел и со луѓето со кои го правел тоа, и потоа практично покажа како се испумпуваат пари од јавните претпријатија, како се купуваат гласови што е кривично дело, како со физичко насилство и закани луѓето се принудуваат да излезат на тој ден на гласање. Опишуваше практично сè од задачите кои ги имале, вклучувајќи и кога лично бил присутен кога се организирани нападите на тие луѓе врз полицијата, за студентите и граѓаните кои тогаш опозициски протестираа да бидат обвинети, а потоа тоа да биде спинувано во пропагандните медиуми“,
објаснува Драгојло.
Драгојло вели – ова не е единствениот пример што ја разоткрива мрежата на СНС, но она што го одвојува од другите е тајмингот и автентичноста на признанието на овој човек од внатрешниот круг.
Го прашавме што се случува сега со оваа мрежа на СНС којашто постоеше, можеби сѐ уште постои, дали таа се распаѓа, дали дел од тие луѓе веќе можеби бараат заштита од новата власт којашто треба да да да ја преземе позицијата?
„Со оглед на тоа што Српската напредна странка е една клиентелистичка мрежа без јасна идеологија, ние гледаме дека нивниот систем полека се распаѓа. Ова е дури прва недела по изборите, сè уште е транзициски период, новата власт нема ни преземено контрола над системот, а ние веќе гледаме дека постојат бројни апсења, бројни кривични пријави кои се поднесуваат и дека обвинителството отвора истрага. Во овој момент некои луѓе во системот се чувствуваат ослободени да покренуваат истраги, додека други луѓе од системот се обидуваат да ѝ се наметнат на новата власт и да си ги исчистат своите биографии“,
беше одговорот на Драгојло.
Барањето за промени почна со барање одговорност за 16-темина загинати во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Две години подоцна, изборниот пресврт за нивните семејства има и длабоко лично значење.
Дијана Хрка го загуби синот во падот на натстрешницата. Ја сретнавме пред Републичката скупштина, каде протестираше барајќи одговорност за трагедијата.

„Сигурна сум дека правдата ќе биде задоволена, јас им реков и на овие луѓе сега кои се на листата: Ако не работите како што треба, и вас ќе ве тргнеме и ќе ве смениме. Значи, нема никогаш повеќе да дозволиме, Србија никогаш повеќе не смее да дозволи некој да се устоличи толку долго и да ја земе оваа земја, да ја земе цела Србија како да е тоа приватно владение и да прави што сака. Тоа не смееме никогаш повеќе да го дозволиме, поминав пекол, пак би поминала само да го истерам ова до крај“,
вели Хрка.
Сега очекува промената да донесе и правда.
„Очекуваме прво да се формира влада и секако ќе мораме да ги смениме и обвинителите, и судиите, и полицијата, тука има многу, многу работа. Ќе биде многу тешко, ова нема да биде воопшто лесно, и на луѓето кои доаѓаат сега ќе им биде многу тешко. Јас мислам дека тие луѓе нема да знаат од каде треба да почнат, толку сè е упропастено. Ќе оди бавно, но се надевам дека ќе биде праведно, правично и дека ќе го истераме ова до крај“,
јасна е Хрка.
На факултетските ѕидови е и ликот на Зоран Ѓинѓиќ – потсетник на една претходна надеж за поинаква Србија и на премиерот чиј живот заврши со атентат.
Пред 26 години, падот на Милошевиќ донесе огромна енергија и надеж дека Србија ќе расчисти со наследството од деведесеттите и ќе стане европска демократија. Атентатот врз премиерот Ѓинѓиќ беше тежок удар за тие надежи, а многу од очекувањата останаа неисполнети. Денес надежта ја носи генерација која тогаш не била ни родена. А со неа доаѓа и прашањето што ги мачи повозрасните: како овојпат изборната победа да донесе трајна промена?
