За Молдавија, Европската комисија предвидува можност за затворање 25 преговарачки поглавја во 2027 година, а за Украина – седум. Македонија не е меѓу четирите земји за кои Брисел предложи патоказ

Црна Гора би можела да ги заврши преговорите за членство во Европската Унија уште во декември годинава, а во јуни 2027 година да го потпише договорот за пристапување. Таа е единствената од четирите земји за кои Европската комисија, во годинашниот пакет за проширување, предлага и термин за потпишување на пристапниот договор. За Албанија, Комисијата предлага распоред за затворање на сите преостанати поглавја до крајот на идната година, а за Молдавија и Украина – за отворање на последните два кластера и затворање на првите поглавја.
Четирите патокази се објавени како посебни анекси, од I до IV, на документот на ЕК за политиката на проширување. Роковите се индикативни. Дали ќе се остварат, зависи од реформите во секоја од земјите и од одлуките на институциите на ЕУ и на земјите членки.

Црна Гора – уште 14 поглавја до крајот на преговорите
Европската комисија оценува дека Црна Гора ги исполнила сите завршни мерила (бенчмаркови) и најавува дека до средината на ноември до Советот на ЕУ ќе ги достави преостанатите предлози за заеднички позиции на Унијата. Од 14 поглавја што остануваат, предлага пет да се затворат во ноември – енергетика, транспорт, безбедност на храната, оданочување и слободно движење на стоки. Другите девет би се затвориле во декември, на последната меѓувладина конференција. Меѓу нив се и поглавјата 23 и 24 – за правосудството и основните права и за правдата, слободата и безбедноста.
За таков исход е потребна согласност од Советот дека мерилата се исполнети, како и договор за преодните периоди, финансискиот пакет за Црна Гора и институционалните прашања поврзани со пристапувањето.
Според предложениот календар, текстот на договорот за пристапување би се усогласил напролет, а потпишувањето би следувало во јуни 2027 година, по позитивно мислење од Комисијата, согласност од Европскиот парламент и одлука на Советот. Потоа договорот треба да го ратификуваат Црна Гора и сите земји членки. ЕК предвидува следење на реформите до денот на зачленувањето и остава можност во договорот да се вгради клаузула за одложување на приемот ако земјата назадува, а другите мерки се недоволни.
Албанија – 31 поглавје во три етапи
За да ја оствари целта на својата влада да ги заврши преговорите до крајот на 2027 година, Албанија треба привремено да затвори уште 31 поглавје. Комисијата предлага тоа да се одвива во три етапи.
До крајот на годинава приоритет имаат шест поглавја, меѓу кои правото на интелектуална сопственост, економската и монетарната политика и надворешната и безбедносната политика. За првата половина на 2027 година се предвидени уште десет, меѓу кои јавните набавки, слободното движење на капиталот, дигиталната трансформација и медиумите и царинската унија.
За втората половина од годината остануваат 15 поглавја, меѓу кои земјоделството, енергетиката, животната средина и двете поглавја за владеење на правото. Кластерот „Темели“ би се затворил последен. Паралелно со ова, ЕК му препорачува на Советот во текот на 2027 година да ги почне подготовките за изработка на договорот за пристапување со Албанија.
Молдавија – можност за затворање 25 поглавја во една година
Комисијата оценува дека Молдавија ги исполнила условите за отворање на последните два кластера – „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ и „Ресурси, земјоделство и кохезија“ – и бара тоа да се направи до крајот на 2026 година. За земјата да може да почне да затвора поглавја, треба да ги исполни преодните мерила (бенчмаркови) за владеење на правото. Според ЕК, Кишињев веќе значително напредувал во таа работа.
За првата половина на 2027 година, патоказот издвојува девет поглавја за можно затворање, меѓу кои науката и истражувањето, образованието и културата, слободното движење на капиталот и царинската унија. За втората половина се предвидени уште 16, вклучувајќи ги конкуренцијата, оданочувањето, транспортот, енергетиката и животната средина.
Молдавската влада има цел да ги заврши преговорите на почетокот на 2028 година. Комисијата ја оценува таа цел како амбициозна, но остварлива – ако земјата го задржи сегашното темпо на реформи.
Украина – прво образованието и културата, потоа уште шест поглавја
И за Украина, ЕК предлага до крајот на годинава да се отворат последните два кластера, истите како кај Молдавија. Разликата е во темпото со кое потоа би се затворале поглавјата. Од Киев се очекува значително да ги забрза реформите за да ги исполни преодните мерила за владеење на правото во првата половина на 2027 година. За поддршка на тој процес, Комисијата формирала посебна работна група.
Во првите шест месеци од 2027 година за можно затворање е предвидено едно поглавје – „Образование и култура“. Во втората половина од годината би можеле да се затворат уште шест – интелектуална сопственост, социјална политика и вработување, претпријатија и индустриска политика, наука и истражување, надворешни односи и надворешна, безбедносна и одбранбена политика.
Украинската влада цели кон завршување на преговорите до крајот на 2028 година. За да го достигне тој рок, според Комисијата, Киев ќе мора да го забрза темпото на реформите.
Каде е Македонија?
Македонија е надвор од оваа група. Во делот за земјава, Комисијата потсетува дека останува неисполнета обврската за уставни измени со кои во Уставот би биле вклучени и граѓаните што се дел од други народи, меѓу кои и Бугарите. Истовремено, бележи дека властите продолжиле да работат на домашните патокази за владеење на правото, реформа на јавната администрација и функционирање на демократските институции, како и на акцискиот план за малцинствата.
За разлика од четирите кандидати, за Македонија во пакетот нема предложен календар за отворање кластери или затворање поглавја. Комисијата наведува дека е подготвена да предложи слични патокази и за други кандидати кога ќе достигнат споредливо ниво на напредок, темпо и ангажираност во преговорите.
