„За некои работи мора да се конфронтираш, мора да се расправаш. Но има теми, особено подолгорочните, за кои одвреме-навреме мора да направиш и некоја согласност. Тоа не е предавство, не е попуштање, ниту компромис во смисла во која кај нас тој збор се доживува како срамен. Тоа е како заедно да ја туркате државата напред“, вели заменик-генералната секретарка на НАТО говорејќи во контекст на блокираните евроинтеграции на земјава

Кога пред една деценија земјава сè уште беше надвор од НАТО и со отворен спор со Грција, тешко можеше да се замисли дека еден ден нејзин државјанин ќе претседава со состаноци на највисоко ниво во Алијансата. Денес Радмила Шекеринска е заменик-генерална секретарка на НАТО – позиција што, како што вели, треба да биде потсетник дека и малите држави можат да постигнат нешто што изгледало недостижно.
„Кога ќе влезам во просторијата на Северноатлантскиот совет, се обидувам да се потсетам дека кога навистина се сака некои работи можат да се направат. И мала држава и сите ние во неа, можеме да скокнеме повисоко, да постигнеме нешто што ни изгледало невозможно“,
вели Шекеринска во интервју за телевизија Сител, снимено во нејзината канцеларија во седиштето на НАТО во Брисел.
Од својата денешна позиција, таа вели дека членството во Алијансата треба да биде потсетник дека и мала држава може да постигне нешто што изгледа недостижно.
Во интервјуто се потсети на своите први состаноци во Алијансата, кога Македонија имаше статус на партнерска земја, а членството изгледало како далечна цел. Како што рече, немало особен апетит за проширување, НАТО бил фокусиран на други прашања, а спорот со Грција претставувал сериозна пречка. Денес, додаде, Македонија не само што е членка туку е и меѓу ретките држави чии претставници ја извршувале втората највисока функција во Алијансата.
„Во речиси 80-годишната историја на Алијансата, само шест земји членки имале заменик-генерален секретар. Ние сме седмата. Тоа треба да ни дава малку повеќе самодоверба и многу повеќе храброст“,
посочува таа.
Шекеринска вели дека географските, политичките и историските околности го прават Западен Балкан регион од стратегиско значење за Алијансата. Тоа, според неа, не е само декларативна определба, туку се гледа и преку конкретното присуство на НАТО на теренот.
Како пример ја посочува мисијата КФОР на Косово, која е најголемото, но и најдолготрајното присуство на Алијансата во регионот – повеќе од 25 години.
„Тоа не е случајно. Тоа е резултат на впечатокот и ставовите на сите 32 сојузници дека она што се случува на Балканот е важно за нашата колективна безбедност и затоа постои таа инвестиција“,
вели Шекеринска.
Како што додаде, добро е што во разговорите со регионот, балканските соседи ја повторуваат пораката дека евроатлантската интеграција има и безбедносна компонента, но и улога на катализатор на домашните реформи.
Членството во НАТО и напредокот кон ЕУ, според неа, не се само прашања на надворешнополитичка ориентација, туку придонесуваат и за стабилноста и развојот на државите.
Таа смета дека во рамките на НАТО постои силен консензус за значењето на проширувањето и за потребата Западен Балкан да остане високо на агендата на Алијансата.
„Кога не сте на масата, одлуките нема да ги пресликуваат вашите приоритети и вашите потреби“,
додаде.
За разлика од НАТО, каде што Македонија веќе е дел од процесите на одлучување, европската интеграција останува незавршена задача.
Шекеринска не сака да дава совети од позиција на некој што не е ниту во Европската Унија ниту во домашниот политички систем, но предупредува дека отсуството од институциите во кои се носат одлуките има своја цена.
„На темите за безбедност ние сме на масата, и сакам да бидеме и на сите други важни маси“,
вели таа.
Според неа, искуството со НАТО треба да биде охрабрување дека тешките прашања можат да се решат, но предуслов за успех е домашен договор. Поддршката од Брисел и од земјите членки е важна, но не може да го замени политичкиот консензус во самата држава.
Не сака, како што вели, земјата да биде меѓу оние што ги пропуштиле шансите, туку што ги создаваат и ги водат кон позитивен резултат.
Оддалечувањето од домашната политичка арена, според Шекеринска, ѝ овозможило појасно да согледа некои слабости на македонското општество. Најголем впечаток ѝ остава тоа што земјата станала премногу црно-бела, со изразена склоност кон критика на другите и попустливост кон сопствените.
Таа не смета дека политичките конфронтации треба да се избегнуваат. Напротив, дебатата и несогласувањата се неопходни за демократијата, но не секое прашање мора да се претвори во политичка пресметка.
„За некои работи мора да се конфронтираш, мора да се расправаш. Но има теми, особено подолгорочните, за кои од време на време мора да направиш и некоја согласност. Тоа не е предавство, не е попуштање, ниту компромис во смисла во која кај нас тој збор се доживува како срамен. Тоа е како заедно да ја туркате државата напред“,
вели таа.
Според неа, политичката поларизација станала товар што малите држави тешко можат да го поднесат.
„За големи држави е неиздржлива, за малите е самоубиствена“,
оценува Шекеринска.
Таа предупредува и на ризикот од губење на човечките ресурси. Во Брисел, Берлин и Лондон, вели, среќава многу Македонци кои се успешни и сакаат да помогнат, но државата мора да создаде услови за знаењето да се вреднува, луѓето да добиваат шанса, а довербата да биде основа на функционирањето на институциите.
Како втора важна слабост ја посочува пасивноста – способноста да се констатираат проблемите, но не и да се понудат решенија.
„Секојпат кога нешто критикувам, најдобрата критика е ако најдам подобро решение. Кај нас некако како да нè парализира проблемот“,
вели Шекеринска.
Таа смета дека чувството дека државата не може сама да ги решава проблемите или дека некој друг треба да го направи тоа е особено опасно.
„Ни Брисел, ни Вашингтон, ни Берлин нема да го осмислат македонското решение – тоа мора да го направат самите граѓани и институции“,
порача Шекеринска.
Искуството од НАТО, каде што секојдневно се градат позиции и консензус меѓу 32 сојузници, го наведува како пример дека влијанието не зависи само од големината на државата. Во тој процес, предност има оној што е побрз, поподготвен и нуди повеќе решенија.
„Тој што е попаметен, тој што е побрз, тој што излегува со повеќе решенија, ја приближува позицијата кон својата“,
објаснува таа.
Шекеринска потсетува дека Македонија веќе поминала низ исклучително тешки периоди и, спротивно на многу предвидувања, успеала да изгради држава. Тоа, според неа, е достигнување на кое треба да се гледа со поголема самодоверба, но без затворање пред новите предизвици.
„Секоја генерација добив нов список на проблеми. Парализата е опасна. Мора да почувствуваме дека можеме“,
вели таа додавајќи дека на земјата ѝ се потребни повеќе доверба, заедничка одговорност и систем што ќе им даде простор на оние што имаат знаење и решенија.
