Ангеловска кажа дека позитивен показател е тоа што податоците од Асоцијацијата покажуваат дека над 50 проценти од онлајн трансакциите сè уште завршуваат кај домашните трговци

Ниското ниво на дигитални вештини, доминацијата на готовинските плаќања, сивата економија и недоволната доверба кај потрошувачите се главните пречки со кои се соочува е-трговијата во Македонија. Ова беше истакнато пред почетокот на денешното 9. издание на Регионалната конференција за е-трговија во Скопје.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска, потенцира дека додека светот зборува за ВИ-агенти, хиперперсонализација и автоматизирана е-трговија, регионот сè уште се соочува со некои основни предизвици.
Како пример го посочи тоа што во земјава сè уште има ниско ниво на дигитални вештини, речиси 31 процент, во споредба со 64 проценти во Европската Унија. Во однос, пак, на напредните дигитални вештини таа додаде дека Македонија е на дното во регионот со седум проценти.
Таа смета оти вложувањето во дигиталните вештини, довербата на потрошувачите и примената на новите технологии не смеат да го чекаат конечното решавање на основните проблеми.
Ангеловска кажа дека како позитивен показател е тоа што податоците од Асоцијацијата покажуваат дека над 50 проценти од онлајн трансакциите сè уште завршуваат кај домашните трговци.
Според податоците на Народната банка за првото полугодие, вкупната вредност на електронските трансакции бележи раст од 14 проценти во споредба со минатата година. Сепак, со експанзијата на глобалните платформи значително расте и одливот на средствата, односно бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички кон странство.
На конференцијата, од која се дел 900 учесници од 12 држави, учествуваат и претставници од глобалните компании како „Гугл“, „Линкдин“, „Тесла“ и „Амазон“.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека државата има солидна основа за развој бидејќи дури 97 проценти од малите и средните претпријатија имаат пристап до интернет, а купувачите сè повеќе се присутни онлајн.
Министерството, како што рече, во моментов поддржува два европски дигитални иновациски хаба за поддршка на бизнисите. Првиот, што функционира веќе година и половина и се реализира во соработка со ФЕИТ, досега помогнал на над 60 компании преку обуки и изработка на патокази за дигитална трансформација. Вториот е проект преку „Дигитмак“, кој е насочен на дигитализација на трговците.
Како успешен пилот-проект, Андоновски ја посочи иницијативата во Битола која е во соработка со локалните комори, бизнисите, банките и „Виза“, каде целосно се дигитализирани над 90 мали и средни претпријатија. Овој модел, како што најави министерот, наскоро ќе се преслика и во другите градови ширум земјава.
