Според одлуката, платите во одбранбениот сектор би се зголемиле од 4 000 до 11 000 денари, што во апсолутна вредност, како што изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски, е историски најголемо зголемување
Вработените во Армијата и одбраната од јануари следната година ќе земаат повисоки плати за 10 отсто – објави денеска министерот за обрана Владо Мисајловски. Според одлуката, платите во одбранбениот сектор би се зголемиле од 4 000 до 11 000 денари, што во апсолутна вредност, вели тој, е историски најголемо зголемување.

„Ова е историски најголемо зголемување во апсолутна вредност. Тоа значи дека се зголемува основната плата, но и сите компоненти што се опфатени во платата. Јас ветив многу пати дека ќе работам заедно со синдикатите, со Армијата, оваа институција да биде најдобрата во државата, а со овој чекор навистина стануваме една од најдобрите институции во државата. Вработените тоа го заслужуваат, го заслужува Армијата“,
изјави Мисајловски на денешната прес-конференција.
Зголемувањето на платите, како што рече министерот за одбрана, е предвидено со Буџетот за 2027 година, кој е усвоен на владината седница во петокот, а од саботата е во собраниска процедура.
Мисајловски упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за можноста во Буџетот за 2027 година да биде опфатено покачувањето на платите во Армијата и одбраната, како и други поекти од важност за Армијата.
Претставувајќи го предлог-буџетот за следната година, министерката Димитриеска -Кочоска во петокот рече дека средства во висина од 2 отсто од БДП се предвидени за зајакнување на одбранбените капацитети, модернизација и опремување на Армијата, како и исполнување на обврските од членството во НАТО.
