Бучковски смета дека изборниот штаб на Андреј Ѓуров ја користел дилемата „Русија или Западот“ за да мобилизира гласачи. Спасеновски во исходот гледа поддршка за политика во која Софија помалку доследно ќе ги следи позициите на Брисел

Разликата меѓу бројот на гласови со кои Илијана Јотова победи на претседателските избори во Бугарија и поддршката што партијата на премиерот Румен Радев ја доби на парламентарните избори во април е сериозна опомена за власта, оцени поранешниот премиер Владо Бучковски во дебатата во „360 степени“ на МРТ 1. Професорот и експратеник Александар Спасеновски, пак, смета дека бугарските граѓани избрале континуитет, но дека и покрај победата на Јотова, резултатот може да биде сигнал за Радев да коригира дел од политиките.
Јотова, која во двата претседателски мандати на Радев беше негова потпретседателка, во првиот круг освои околу 530 000 гласа, а во вториот нешто помалку од 1,1 милион. За споредба, за партијата на Радев, Прогресивна Бугарија, во април гласаа околу 1,45 милиони граѓани. Бучковски смета дека пораката од изборите можела да се прочита уште во првиот круг, кога излезеноста не достигна ни 23 отсто.
„Пораката ја сфати веројатно премиерот Радев, ја сфати веројатно и Јотова. Мобилизацијата за вториот круг беше далеку повисока, но апстиненцијата покажува дека постои замор веќе кај бугарското гласачко тело“,
рече Бучковски.
Според него, резултатот од првиот круг влијаел и врз одлуката на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, да го поддржи противкандидатот на Јотова, Андреј Ѓуров. Бучковски потсети дека во првиот круг Борисов се воздржувал од поддршка, а пред вториот застанал зад тезата дека на Бугарија ѝ е потребен претседател кој ќе биде коректив на владата на Радев. Токму таква политичка улога, според Бучковски, имал и самиот Радев како претседател во периодите кога владата ја воделе негови политички противници.
Спасеновски, пак, посочи дека Јотова меѓу двата круга речиси го удвоила бројот на гласови. Оттука, смета тој, слабата мобилизација во првиот круг не можела да се толкува како показател дека партијата на Радев за шест месеци изгубила речиси милион гласачи. Сепак, и разликата од 350 000 до 400 000 гласа во однос на априлскиот резултат, според него, заслужува внимание.
За Спасеновски, победата на Јотова го заокружува и прашањето за политичката одговорност. По низата изборни циклуси во кои беше тешко да се формира или да опстане влада, Прогресивна Бугарија сега има 140 од 240 пратеници и владее самостојно. Со победата и на претседателските избори, оцени тој, партијата веќе нема изговори ако не го исполни ветеното. Како посебна порака од гласањето го издвои изборот на младите – според податоците што ги наведе, повеќе од половината гласачи на возраст од 18 до 29 години го поддржале Ѓуров.
Дали Бугарија избираше меѓу Русија и Западот?
Бучковски смета дека изборот меѓу Москва и Западот бил порака со која штабот на Ѓуров се обидел да привлече дополнителни гласови. Јотова на тоа одговарала дека Бугарија веќе е членка и на ЕУ и на НАТО. Разликите околу поддршката за Украина, според него, постојат и меѓу членките на Унијата, а ставовите на Радев за тоа прашање одамна му се познати на Брисел.

За односите со Скопје, Бучковски очекува Јотова да ја задржи линијата на својот долгогодишен политички соработник.
„Мислам дека и нејзините ставови визави Македонија, тоа мене повеќе ме тангира, ќе бидат оние кои ги промовираше претседателот Радев“,
рече Бучковски.
Спасеновски гледа промена во односот на Софија кон Брисел уште од парламентарната кампања на Радев. Според него, за разлика од ПП-ДБ и ГЕРБ, кои поцврсто се држеле до позициите на ЕУ, Радев понудил политика со поголем простор Бугарија да отстапи од нив. Тоа, оцени Спасеновски, можеби е и една од причините за неговиот убедлив резултат во април, а победата на Јотова е продолжение на таа политика.

Во услови на војна во Европа и во време кога Европската комисија го смета проширувањето за геополитички приоритет, Спасеновски очекува поголемите членки на ЕУ да инсистираат на поцврста поддршка од помалите.
„Сакам да кажам дека во услови на криза, и со тоа би заклучил, многу повеќе мислам дека Брисел ја цени лојалноста отколку суверенитетот“,
рече Спасеновски додавајќи дека ако се прашувал Брисел можеби повеќе симпатии би имал Ѓуров.
