Налогот за блокирање е доставен до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), кои имаат обврска во рок од пет дена од приемот да го проследат до сите оператори на електронски комуникациски мрежи, кои, пак, треба веднаш да го ограничан пристапот

Министерството за дигитална трансформација доставило налог за блокирање дополнителни 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа. Со ова, како што велат, вкупниот број блокирани адреси достигнува 462.
Налогот за блокирање е доставен до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) кои имаат обврска во рок од пет дена од приемот да го проследат до сите оператори на електронски комуникациски мрежи.
Операторите треба веднаш да го ограничат пристапот до наведените страници, при што за корисниците кои ќе се обидат да пристапат ќе се прикажува официјално известување за причината за блокирањето.
Основната цел на овие мерки, велат од ресорното министерство, е заштита на граѓаните од потенцијални злоупотреби, сајбер-ризици и споделување лични и финансиски податоци на непроверени платформи. Од Министерството истакнуваат дека посебен акцент се става на заштитата на малолетниците од штетните влијанија и изложеноста на онлајн коцкањето.
Од Министерството за дигитална трансформација упатија јавен апел до сите граѓани да бидат внимателни со своите податоци на интернет. Посебен апел е упатен до родителите и старателите редовно да ги следат онлајн активностите на своите деца и да разговараат со нив за ризиците во дигиталниот простор.
Од МДТ најавуваат дека продолжуваат со преземање на сите мерки во рамките на своите надлежности за сузбивање на нелегалното онлајн коцкање и градење побезбеден интернет-простор за сите.
