Алта банка, како што се додава во написот, од претходно е под лупа на Европската централна банка поради сомневања за перење пари. Истрагата на ЕЦБ предизвика сериозна загриженост во врска со работењето на српската групација, при што официјалните лица се прашуваа дали банката може да го потврди законското потекло на депозитите

Народната банка на Србија ја одзеде лиценцата за работа на Алта банка, која, како што пишува Фајненшл тајмс, ја „користат Русите“ и која е „под меѓународен надзор поради сомневања за перење пари“.
Народната банка на Србија во саботата објави дека донела одлука да ја одземе леценцата за работа на Алта банка бидејќи финансиската состојба на банката значително се влошила и постои можност за понатамошно влошување, вклучително и влошување на нејзината ликвидност, пишува „Фајненшл тајмс“.
Одлуката за затворање на банката доаѓа помалку од една недела откако владејачката партија ги загуби изборите од студентското движење. Српски функционери за „Фајненшл тајмс“ изјавиле дека веднаш по изборите, од сметките во Алта банка биле повлечени огромни суми пари, а значителен дел бил префрлен на сметки во странство.
Банкарските операции на Алта се суспендирани, а клиенти на банката во изјава за „Фајненшл тајмс“ рекле дека не можат да подигнат пари од саботата.
Според Агенцијата за осигурување на депозити, системот во Србија покрива износи до 50 000 евра по депонент.
Според луѓе запознаени со ова прашање, Алта банка одиграла значајна улога во олеснувањето на трансферот на пари на руски физички и правни лица до и од балканската земја по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Според нив, тоа е една од ретките банки во Србија која е подготвена да им обезбеди услуги на руски физички и правни лица.
Алта банка, како што се додава во написот, од претходно е под лупа на Европската централна банка поради сомневања за перење пари. Истрагата на ЕЦБ предизвика сериозна загриженост во врска со работењето на српската групација, при што официјалните лица се прашуваа дали банката може да го потврди законското потекло на депозитите.
Во изјава за весникот, неколку руски државјани што живеат во Белград рекле дека затворањето на банката особено влијае на руската заедница на иселеници во Србија.
До крајот на минатата година, како што се додава, околу 55 000 руски државјани имале дозволи за престој во Србија, што е повеќе од десет пати повеќе отколку во периодот пред инвазијата. Тие претставуваат најголема група странски државјани во балканската земја.
Павел Белавин, руски новинар кој сега живее во Белград и е клиент на Алта банка, во изјава за „Фајненшл тајмс“ вели дека неговите сметки во таа банка се замрзнати од саботата.
„Апликацијата на банката работела повремено, дозволувајќи им на клиентите да ја проверат состојбата на своите сметки, но да не вршат други трансакции“, вели тој додавајќи оти не добил никакви инструкции ниту од Алта ниту од Народната банка на Србија за тоа што ќе се случи со неговите сметки.
Белавин вели дека Алта банка е најпопуларната кај таа заедница бидејќи им дозволува на руските граѓани да отвораат и лични и деловни сметки.
Олга, финансиски консултант која емигрирала од Русија, рече дека добивала пораки од вознемирени руски клиенти кои ги чувале „сите заштеди на семејството“ во банката.
Меѓу нив бил и еден клиент кој неодамна депонирал 300 000 евра од продажба на стан во Русија.
„Фајненшл тајмс“ пишува дека во 2022 година, Алта банка објавила оти нејзиниот девизен ризик се искачил на 42 проценти, што е над максималниот праг од 20 проценти, поради значителен прилив на рубљи поради војната и санкциите на ЕУ против Русија.
Овој индикатор, како што се додава, ја мери разликата помеѓу активата и пасивата на банката во странска валута во однос на нејзиниот регулаторен капитал и ја одразува изложеноста на банката на промени во девизните курсеви.
Депозитите на клиентите на Алта банка се зголемија повеќе од петкратно до крајот на минатата година во споредба со предвоениот период.
Обвинителството за организиран криминал побара итна истрага за одливот на средства и евентуалната одговорност на службеници во НБС. Реакција пристигна и од Студентската листа, која се очекува да ја формира новата влада, од каде соопштија дека проблемите во банката не се од вчера и дека регулаторите и обвинителството со сопствената неактивност овозможиле прикривање на коруптивен капитал.
Според пишувањата на „Фајненшл тајмс“, Давор Мацура, еден од најистакнатите српски претприемачи и сопственик на „Алта Пеј“ најмалку двапати се обидел да ја напушти Србија во последните неколку недели.
Во средината на октомври, на Мацура не му било дозволено да го напушти аеродромот во соседна Црна Гора.
По изборите во Србија, како што пишува „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на лица запознаени со ситуацијата, Мацура се обидел да избега во Москва.
Весникот упатил барање за коментар до Мацура, но одговор не добиле.
