Гласале 8 595 избирачи, наспроти 7 572 во целиот прв круг, кога излезеноста изнесуваше 46,58 отсто. Во меѓувреме гласањето заврши

До 18:30 часот во вториот круг од изборите за градоначалник на Брвеница гласале 8 595 избирачи, односно 52,9 отсто, покажуваат новите податоци од Државната изборна комисија (ДИК).
Тоа се 1 023 гласачи повеќе отколку во целиот прв круг, кога на гласање излегле 7 572 избирачи. Излезеноста е повисока за 6,32 процентни поени во споредба со вкупните 46,58 отсто од првиот круг.
Вкупната излезеност од првиот круг беше надмината уште до 17 часот, кога гласале 7 902 избирачи, односно 48,64 отсто. Во следните час и половина гласале уште 693 граѓани, со што одзивот се зголемил за 4,26 процентни поени.
Во меѓувреме гласањето заврши, така што наскоро се очекува да стане јасно кој е новиот градоначалник на Општина Брвеница – Стојанчо Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, или Аркин Јахији од „Националната алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ.
