Според ДУИ, треба да им се овозможи гласање и на оние што се заразиле од ковид-19 по 8 јули или оттогаш се во самоизолација. Таа бројка, како што вели Османи, може да стигне и до повеќе илјади граѓани на кои ќе им биде ускратено правото на глас
Три дена пред датумот (13.7) определен за гласање на лица што се заразени со ковид-19 или се во самоизолација, владејачката ДУИ бара Уставниот суд да интервенира во владината Уредба за изборите, така што ќе се овозможи гласање и на лицата кои се инфицирале или се во изолација по 8 јули, кога беше последниот рок за пријавување на оваа категорија гласачи, како и на хронично болните и изнемоштените.
Вицепремиерот и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, во име на партијата, побара Уставниот суд веднаш да закаже вонредна седница за да донесе времена мерка и да се суспендира одредбата со која се ограничува регистрација на луѓето кои се во изолација само до 8 јули. Според него, треба да се суспендира оваа одредба бидејќи денеска и утре има луѓе кои ќе се упатат во самоизолација поради ковид-19 и нема да можат да гласаат.
„Втор начин е со одлука на ДИК или на Комисијата за заразни болести да им се овозможи тие што се во изолација во меѓувреме да направат тест и ако се негативни да можат во среда да гласаат и со тоа да им се гарантира правото на глас и никој да не го оспори легитимитетот на изборниот процес. Заштита на граѓаните е важно, но треба и да се гарантира и право на глас и не смее да се негира. Само денес имаме 205 нови позитивни помножете го тоа со бројот на контакти кои тие ги имале и тие што ќе одат во изолација. Тоа е можна бројка од 2 000 граѓани што само денеска им се негира правото на глас. А ако тоа го множиме до денот на избори тоа значи дека околу 10 илјади граѓани ќе немаат право на глас“,
истакна Бујар Османи од Тетово.
Според него, сите политички партии треба да се фокусираат да се најде решение бидејќи ова прашање не ја засега само ДУИ, туку сите етнички заедници и партии.
ДИК го донесе ревидираниот роковник за завршување на изборните дејствија, согласно владината Уредба за изборите. Но, иако ДУИ партиципира и во техничката влада и во ДИК, тогаш немаше реакции за одредбите со кои гласањето на заразените со ковид-19 и на лицата во самоизолација се ограничува само на оние што ќе се пријават до 8 јули или пет дена пред денот кога ќе се спроведат избори за оваа категорија избирачи.
Со владината Уредба е предвидено дека за спроведување на изборите за заразените со ковид-19 ќе се применува членот 111 од Изборниот законик, со кој е уредено гласањето на болни и изнемоштени лица во домашни услови.

Со членот 111 од Изборниот законик, пак, е предвидено дека избирачот кој не е во можност да гласа на избирачкото место може да се пријави за гласање дома најдоцна седум дена пред денот за гласање (во случајот тоа е 15 јули).
