Од партијата наведуваат дека Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев за шеф на пи-ар тимот го поставиле Зоран Башановиќ, кој заедно со Милјан Шчекиќ, според нивните тврдења, се главните автори на партиските соопштенија и прес-конференции

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Венко Филипче се длабоко заглавени во српскиот свет и слугувањето на туѓи агенди, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, преку пи-ар службата на СДСМ во македонското општество продира т.н. „српски свет“. Од партијата наведуваат дека Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев за шеф на пи-ар тимот го поставиле Зоран Башановиќ, кој заедно со Милјан Шчекиќ, според нивните тврдења, се главните автори на партиските соопштенија и прес-конференции.
„Дека е така може да се види од бројните соопштенија полни со навреди кон нас и кон државата, со црни сценарија за нејзиниот развој и напредок, полни со србизми и печатни грешки, затоа што Башановиќ и Шчекиќ, кои ги пишуваат, не го владеат добро македонскиот јазик. Со други зборови тоа што го слушаме од Филипче и СДС кога ја навредуваат Македонија, кога предвидуваат и посакуваат апокалиптични сценарија, кога не сакаат инвестиции и развој на државата, сето тоа е по насока на српскиот или, пак, на бугарскиот свет, на кои им слугуваат“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека нарачаните политики на СДСМ одат директно на штета на македонските национални и државни интереси, обвинувајќи ги Заев и Филипче дека поради загубената доверба кај граѓаните и страв од соочување со одговорност за криминал, одработуваат за странски агенди.
„Едниот аболициран криминалец со тапија, другиот со предмети кои нивните платеници во правосудството ги чуваат во фиока. Затоа, наместо да се ангажираат и да работат во интерес на државата, одработувајќи за странски служби, работат на штета на интересите на граѓаните и ја потчинуваат државата“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Соопштението на владејачката партија следува откако претходно СДСМ побара Обвинителството уште денес да ги преземе сите мерки против оние што учествуваа во процесите околу Алта Банка во Македонија, а по информациите дека српската Народна банка ја одзела лиценцата за работа на нејзиниот мнозински акционер, Алта банка Србија. Од СДСМ бараат да се поведат кривични постапки против премиерот Христијан Мицкоски и против гувернерот на Наодната банка Трајко Славески.
