Вкупните приходи за следната календарска година се проектирани на 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе од 2026 година, а вкупните расходи на 440,4 милијарди денари, за 4,8 отсто повеќе споредено со тековната година. Буџетскиот дефицит за 2027 година е планиран на 45 милијарди денари
Додека во Собранието тече амандманската расправа за вториот предложен ребаланс на буџетот за 2026 година, Владата на денешната седница го утврди предлог-буџетот за 2027 година, кој на прес-конференција попладнево го претстави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во буџетот за следната година е проектиран раст од 3,8 проценти и инфлација од 3,2 проценти во услови кога, според ресорната министерка, инфлацијата на глобално ниво е проектирана на 4,1 проценти.
Вкупните приходи за следната календарска година се проектирани на 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе од 2026 година, а вкупните расходи на 440,4 милијарди денари, за 4,8 отсто повеќе споредено со тековната година. Буџетскиот дефицит за 2027 година е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП.
„Приходите се многу внимателно проектирани. За секој приход има методологија која е потпомогната низ годините наназад од страна на ММФ и врз основа на тоа се правени проекциите. Најпесимистички сме настроени во делот на акцизите каде ги имаме зголемено за 1,5 милијарда денари. Очекуваме да имаме раст кај акцизите од тутун и алкохолни пијалаци. Тоа е нешто што го очекуваме дека ќе имаме пораст на количини, имаме и промени во делот кај тутунот со царинските стапки. Така што тука очекуваме и имаме песимистичко сценарио. Не мислам дека имаме некоја грешка во проекциите во тој дел. Во 2026 година направивме корекции единствено само во делот на акцизите. Во другиот дел ние корекции немаме направено“,
изјави министерката за финансии.
Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што е раст од 6,4 проценти.
Со буџетот за следната година, како што рече министерката, се обезбедуваат средства за раст на плати во јавниот сектор, за социјална заштита на најранливите категории, дополнителни средства за здравствена заштита, како и повеќе пари за исполнување на обврските од членството во НАТО. Средства во висина од 2 отсто од БДП се предвидени за зајакнување на одбранбените капацитети, модернизација и опремување на Армијата. За исплата на пензии се предвидени 123,8 милијарди денари.
За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари, а дефицитот е проектиран на 45 милијарди денари.
„Покрај финансирањето на буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 45 милијарди денари, државата следна година има обврски и за сервисирање на долгот во износ од 124,6 милијарди денари. Од вкупните обврски за отплата, 46,5 милјарди денари се за надворешен долг. Наредната година, како што е познато, за отплата е еврообрзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година. За финансирање на дефицитот и обврските планирано е домашно задолжување од 36,3 милијарди денари и дополнителни 60 милијарди денари за едногодишни државни хартии од вредност кои доспеваат за отплата и задолжување во странство од 86,8 милијарди денари“,
изјави Димитриеска-Кочоска.
Јавниот долг, според министерката, заклучно и со 2026 и со 2027 година, ќе биде под 60 проценти од БДП.
