Во образложението на пресудата, од Врховниот суд наведуваат дека првостепениот и второстепениот суд сториле повреда на одредбите од Законот за кривична постапка, бидејќи во недоволна мера се осврнале на објаснувањето за постоењето на поврзаност на дејствијата на осудените и несреќата. Судот оценува и дека не е јасно врз основа на кои докази пониските судови утврдиле дека обвинетите постапувале како соизвршители
Врховниот суд ги укина пресудите и го врати на повторно судење предметот против двајцата поранешни директори на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми, во врска со пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 година. Во трагедијата загинаа 14 лица, кои во модуларната болница се лекуваа од ковид-19, а 12 други беа повредени.

Со пресудата, Врховниот суд ги уважува барањата на двајцата ексдиректори на болницата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда и ги укинува првостепената пресуда, според која Основниот суд Тетово во мај 2025 година ги осуди на затворски казни од по една и пол година, како и второстепената пресуда, со која Апелацискиот суд Гостивар во ноември лани им ги зголеми казните на три години затвор.
Во образложението на пресудата, од Врховниот суд наведуваат дека првостепениот и второстепениот суд сториле повреда на одредбите од Законот за кривична постапка, бидејќи во недоволна мера се осврнале на објаснувањето за постоењето на поврзаност на дејствијата на осудените и несреќата. Судот оценува и дека не е јасно врз основа на кои докази пониските судови утврдиле дека обвинетите постапувале како соизвршители.
„Кој нов доказ е изведен за да судовите прифатат дека осудените постапувале како соизвршители, на кој начин се договориле осудените да не постават ПП-апаратти и хидрантска мрежа, што не е јасно образложено во пресудите на пониските судови. Исто така, ако постапувале како соизвршители обвинетите не може да одговараат за по едно кривично дело, туку за едно кривично дело“,
се наведува во пресудата на Врховниот суд.
Во пресудата на највисокиот суд во државата се наведува и дека првостепениот и второстепениот суд не направиле сеопфатна анализа на доказите и не ги образложиле соодветно конкретните дејствија на обвинетите, односно нивниот придонес во избувнувањето на пожарот во модуларната болница.
Со укинувањето на двете пресуди, случајот се враќа на повторно судење пред Основниот суд во Тетово. Ова ќе биде трето судење за двајцата поранешни директори. Барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено од Клиничката болница Тетово како правно лице е отфрлено како недозволено.
