Според вештачењето што го достави адвокатката која на обвинетиот му е одредена по службена должност, тој бил пресметлив кога го сторил делото. Сепак, таа побара да биде повикан вештакот што го изготвил вештиот наод за да ги дообјасни наводите од него, дека обвинетиот има одредени нарушувања
Судот го закажа следното рочиште за 11 ноември, кога ќе бидат повикани и вештакот и претставник на амбасадата
Обвинетиот за палењето на двете дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје што се случи во јуни оваа година на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје призна вина за случајот.

Изјаснувајќи се пред судот, тој кажа дека во целосност ја признава вината и дека признанието го дава свесно без никаков притисок, пренесоа медиумите. Кажа и дека сам се одлучил да го стори кривичното дело, односно да ги запали возилата.
„Да, се чувствувам виновен и во целост ја признавам вината, сам одлучив“,
ја пренесува „Слободен печат“ неговата изјава дадена пред судот.
За потсетување, настанот се случи на 15 јуни година, околу пладне, кога обвинетиот запали две дипломатски возила паркирани пред објектот на бугарската амбасада на булеварот „Теодосиј Гологанов“, полевајќи ги со бензин, што претходно го наполнил во пластично шише на бензинската пумпа „Макпетрол“. Тој се гони за кривичното дело загрозување лица под меѓународна заштита. Случајот првично го водеше Основното јавно обвинителство Скопје, но потоа го презеде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кога и ја доби оваа правна квалификација.
Обвинителката која го застапува случајот пред Кривичниот суд, Катерина Коларевиќ, за медиумите изјави дека во текот на истрагата амбасадорот на Бугарија во земјава бил повикан да даде исказ, но поради отсуство од земјата дал писмен исказ. Во Обвинителството биле испитани тројца вработени во амбасадата, кои се под меѓународна заштита и сведочеле за тоа што се случило, пренесе телевизијата Телма.
„Амбасадорот беше повикан како претставник на Амбасадата или лице кој тој ќе го овласти да се произнесе во поглед на настаната штета. Во Обвинителството беа испитани и лица кои се под меѓународна заштита и тие дадоа исказ и како докази се предложени пред Судот“,
кажа обвинителката Коларевиќ.

Според вештачењето што го достави адвокатката која на обвинетиот му е одредена по службена должност, тој бил пресметлив кога го сторил делото. Сепак, таа побара да биде повикано вештакот што го изготвил вештиот наод за да ги дообјасни наводите, дека обвинетиот има одредени нарушувања и состојба која го опишува како незрела личност.
На рочиштето, исто така, беше предложено за следното рочиште да биде повикан претставник на бугарската амбасада кој треба да се изјасни дали се бара надомест на пријавената штета.
Инаку, во случајот станува збор само за материјална штета, додека вработени во амбасадата не побарале никаков надоместок за претрпен страв.
Судот го закажа следното рочиште за 11 ноември, кога ќе бидат повикани и вештакот и претставникот на амбасадата.
Обвинителниот акт за случајот ОЈО ГОКК го поднесе на 16 септември наведувајќи дека обвинетиот со делото што го сторил, создал значителна опасност по животот и телото на лица под меѓународна заштита.
Според наводите на Обвинителството, обвинетиот на 15 јуни наполнил пластично шише со бензин на бензинска станица во близина на Амбасадата на Бугарија во Скопје, по што се упатил кон дипломатскиот објект, ги полеал со бензин паркираните возила што ги користеле вработените во Амбасадата, ги запалил и се оддалечил од местото.
Владата и македонското Министерство надворешни работи и надворешна трговија тогаш го осудија палењето на дипломатските возила во сопственост на Амбасадата на Бугарија и изразија очекување дека ќе биде спроведена брза и ефикасна истрага за случајот.
