И по изборот на Искра Хаџи Василева за нова шефица на ОЈО за Гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) останува дилемата – колку зависи од шефот, а колку од условите и подготвеноста на целиот систем да ја поддржи борбата против неказнивоста? Што ќе биде вистински тест за новата раководителка и како ќе се мери нејзиниот успех?
Секоја промена на врвот на обвинителството отвора слични прашања – дали ќе донесе поинаков пристап, поголема одлучност и резултати што граѓаните ќе ги препознаат? Особено кога станува збор за сегментот од институцијата кој треба да ги гони организираниот криминал и корупцијата, без оглед до каде водат трагите и кого засегаат истрагите. Погледнете го видеото
Покрај за редовните обврски, зградата на Јавното обвинителството во Скопје вчера послужи и како избирачко место. Дел од обвинителите овде гласаа за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Така беше на уште неколку места во државата.
Вкупно 187 јавни обвинители имаа право на глас во изборот за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупцијата. Се гласаше во републичкото обвинителство и во четирите виши јавни обвинителства, во Скопје, Штип, Битола и Гостивар.

Гласачкото место на деветтиот кат во Републичкото обвинителство, беше претесно за големиот медиумски интерес. Зад параванот се изјасни и државниот обвинител Ненад Савески. Беше дециден за важноста на изборот:
„Тоа обвинителство сите сме свесни колку е значајно, не само на јавнообвинителскиот систем, туку и за имиџот генерално и на нашата земја.“
И неутрален во профилирањето на победникот.
360 Степени“: Со оглед на тоа што ги познавате кандидатите, лично – каков став имате, кои квалификации треба да добијат предност?
Сaвески: Во суштина сите пет кандидати се навистина можам да кажам дека се сите докажани професионалци. Кој и да биде избран, нема да биде погрешен избор.

Три нивоа подолу во истата зграда, на шестиот кат, гласаа обвинители од Вишото јавно обвинителство Скопје. Гласачи не затекнавме. Петтемина кандидати во трката беа обвинителите Фатон Азизи и Искра Хаџи-Василева од Организиран криминал, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од скопското Вишо обвинителство и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.
Вечерта, тричлена Комисија од Советот на јавни обвинители ги сумираше гласовите и до 20 часот се дозна победникот.
Искра Хаџи Василева ја доби довербата од најмногу колеги – вкупно 64. Зад неа остана Трајче Пеливанов со 57, што е само седум гласа помалку. Третопласиран е обвинителот Јован Цветановски со 30 гласа, додека за Фатон Азизи се изјасниле 14 колеги и најмалку за обвинителката Лидија Раичевиќ – само шест гласа.

Не гласале само 12 обвинители, додека имаше и 4 неважечки ливчиња. За избор не се бара специфично мнозинство ниту минимална излезеност – победник е оној што ќе добие најголем број гласови во еден круг гласање.
„Му честитаме неофицијално на кандидатот кој го добил потребното мнозинство“,
кажаа од Комисијата за избор при Советот на јавни обвинители.

За новинарот на БИРН, Васко Маглешов, победникот бил извесен и е избор што ветува.
„Обвинителката Искра Хаџи Василева практично неколку недели вака помеѓу обвинителските и судските кругови важи за еден од фаворитите… Би рекол дека е професионална, правно педантна и аналитична, но она што мене посебно ми се допаѓа што во судница забележувам една обвинителска страст за докажување на теоријата на случајот односно на обвинението што се застапува“,
вели тој.

Надвор од правосудните кругови, изборот е новина.
Пировска: Апсолутно дека ме изненадува, со оглед на тоа дека ние години наназад сме навикнати да слушаме за доаѓање на позиции на луѓе коишто се блиски до одредени политички структури… За мене е ова големо освежување, и навистина дава надеж. Затоа што доаѓањето на оваа позиција главно се темели на гласовите на обвинителите.
„360 Степени“: Што мислите, што ги поттикна обвинителите, мнозинството, да го дадат гласот токму за Хаџи Василева?
Пировска: Јас би сакала да кажам и да се надевам дека навистина им е невозможно веќе да ги поднесуваат состојбите во нивната фела. Затоа што постојано ние зборуваме и критикуваме. И јас многу често сум доаѓала во конверзација со судии и со обвинители коишто се чувствуваат лично повредени од критиките коишто ги изнесуваме по однос на состојбите во правосудството и сакам да верувам дека веќе не сакаат да го трпат тоа. Сакам да верувам дека и самите сакаат да се случи промена.

Новата шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е родена 1983 година во Скопје. Дел е од петтата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители и веќе има 11-годишно обвинителско искуство. Од Основното јавно обвинителство Скопје, во 2024 година доаѓа во Организиран криминал, што значи дека работната средина веќе и е позната. Дел од медиумите не пропуштија да забележат дека Хаџи Василева е на фотографии што ги објави премиерот од манифестацијата „Тиквешки Гроздобер“ минатиот месец, нa што таа одговори дека тоа не станува збор за владина прослава, туку сенароден настан, на кој и порано присуствувале и обвинители, и претставници на дипломатскиот кор.
Како обвинител се профилирала уште пред трансферот во организиран криминал, а гони и сегашни и поранешни функционери, вели новинарот Маглешов.
„Да ве потсетам таа како скопски обвинител застапуваше едно обвинение против еден познат гинеколог скопски за примање поткуп, така што корупцијата во таа смисла како некакво, еве да речам, општествено зло го препознала и во рамки на нејзината работа многу порано како основен јавен обвинител додека работела во скопското обвинителство, меѓутоа и сега. Да ве потсетам дека таа освен можеби најизвиканиот предмет во јавноста за судијата Ѓоко Ристов, таа исто така е обвинител во предметот за директорот на Инспекторатот за земјоделство кој што е обвинет за примање поткуп, исто така таа ја води истрагата за поранешниот директор на Царина, Богоев, и така натаму…Тоа мене ми остава впечаток дека станува збор за личност која што е бескомпромисен борец со организираниот криминал и корупцијата, се надевам и очекувам дека тие мои согледувања и впечатоци дека нема да бидат во таа смисла изневерени“,
смета тој.
Пировска пак смета дека предност е што обвинителката, барем на почетокот, е растоварена од политичкиот багаж.
„Со оглед на тоа дека јас не сум слушнала за ниту една афера поврзана со нејзиното име, да речеме дека е тоа добар момент. Знам дека била исто така инволвирана, односно постапувала исто така во случаи од висок профил коишто се многу важни, што биле многу важни во Македонија, и дека ја зачувала својата непристрасност, односно ги дотерала до крај случаевите. Верувам дека основно кај нас е да немаш политички багаж доколку ја вршиш оваа функција. Начинот на којшто си влегол на таа позиција е многу важен“,
заклучува таа.
Хаџи Василева ја наследува раководната позиција во Организиран криминал од нејзиниот колега Ислам Абази. Независно од контроверзноста на тогашниот избор, Абази покажа извесен степен на транспарентност кој треба да се одржи и надгради, сметаат упатените. Но, треба да се подигне и степенот на постапување по допрен глас, вели Маглешов.
Ова обвинителство е директно зависно од Одделот за организиран криминал во Министерството за внатрешни работи. Е сега тука може да има секакви кривични пријави, меѓутоа задачата на новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е да биде бескомпромисен борец и во таа смисла да биде неселективен. Независно дали станува збор за актуелни функционери или за поранешни функционери, секаде каде што има факти и докази кои што докажуваат нечија кривична инволвираност, тие да бидат процесирани. И ми се чини дека многу бргу, малтене во првите месеци од нејзиниот мандат како нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ќе се види траекторијата по која што ќе се движи ова обвинителство со нејзиниот нов шеф.
Сепак, најважна останува независноста, која треба да биде императив на целиот тим, не само за шефицата.
„Ќе мора да биде имуна на влијание. Невозможно е кај нас да речам функционер во таква позиција не биде доведен во состојба да треба да одлучи под притисок. Секако дека таа ќе се соочува исто така и со предизвици во однос на менаџирањето, имајќи предвид дека не сите обвинители се непристрасни, независни и имуни на влијание. И токму таквите индивидуи можат да направат проблем во функционирањето на обвинителството. Менаџирањето е проблем којшто може таа да го реши секако доколку има помош од своите соработници. Не сме сите секогаш за се на исто ниво професионални. Меѓутоа сметам дека основното коешто треба да го задржи е својата имуност од влијание, особено од политичките структури“,
порачува Пировска.
Искра Хаџи Василева доби четиригодишен мандат и доверба од најголем број колеги. Довербата од јавноста, пак, ќе треба да ја заслужи со постапувањето на обвинителството што ќе го води, особено во случаите во кои доказите водат до луѓе со моќ и влијание.
