Муцунски, на заедничката прес-конференцијата со својот словачки колега, рече дека на следната средба со бугарската министерка за надворешни работи Петрова-Чамова очекува да разговараат како за европскиот пат на земјава, така и за одредени прашања поврзани со однесувањето на официјална Софија кои ја загрижуваат нашата држава не само како земја кандидат за членство во ЕУ, туку и како рамноправна членка на НАТО
Дијалогот меѓу официјално Скопје и Софија за изнаоѓање решение за спорот што го кочи евроинтегративниот пат на Македонија ќе продолжи и во иднина и покрај случајот со Ива Михаилова.

Михаилова, која има двојно – македонско и бугарско државјанство, на засега неутврден начин замина во Бугарија и покрај забраната да ја напушта државата поради судскиот процес што против неа се води во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици.
Имено, дијалогот со Бугарија кој министрите за надворешни работи на двете земји го почнаа на почетокот на октомври годинава на маргините на настан во Софија и бегството на Михаилова беа главните теми на кои новинарите побараа одговори од шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција со неговиот словачки колега Јурај Бланар, кој е во официјална посета на земјава.
Осврнувајќи се првин на случајот со Михаилова, ресорниот министер Муцунски рече дека на средбата со Бланар разговарале дека Македонија како земја кандидат за членство во Европската Унија очекува дека и членките на Унијата ќе ги почитуваат највисоките стандарди поврзани со владеењето на правото.
Во тој контекст, Муцунски кажа дека е непристојно за една членка на ЕУ да станува прибежиште за лица осудени за кривични дела (како што е случајот со таткото на Ива Михаилова н.з.), или осомничени или обвинети лица за кои се водат постапки во рамките на судовите во државата.
Сепак, шефот на македонската дипломатија беше воздржан од натамошни коментари во однос на ова прашање бидејќи, како што рече, не сака да стане дел од политичката кампања за претседателските избори во Бугарија, чиј втор круг е закажан за в недела – 1 ноември.
Во однос на дијалогот со Софија за спорот Муцунски рече дека тој постои и дека освен билатерални разговори со Софија вклучува и активна комуникација со европските институции и претставници на земји членки на Унијата кои се заинтересирани да помогнат во изнаоѓање заедничко прифатливо решение. Во тој контекст, Муцунски ја спомена средбата со францускиот министер за Европа, Бенжамин Хадад, минаната недела во Црна Гора, а ова прашање било една од главните теми на средбата со шефот на словачката дипломатија Бланар.
„За било какво решение за кое работиме со Бугарија да го постигнеме, кое хипотетички би било на линија на нашите позиции, одржливо решение, е потребно да имаме консензус од сите земји членки. Така што, дијалог со Бугарија има, дијалог со европските институции по ова прашања има и дијалог со сите змеји членки на Европската Унија по тоа прашање ќе продолжиме да работиме, бидејќи ние по однос на европскиот пат немаме друг никаква алтернатива. По однос на тоа што правиме поврзано со европскиот пат во делот на домашната агенда пред неколку недели слушнавте од претседателката на Европската комисија, нејзината рецензија на реформите што ги спроведуваме, којашто беше позитивна. Денеска слушнавте потврда и од министер за надворешни работи на една од земјите членки на ЕУ дека во оваа држава има стабилна влада, искрено посветена на европските реформи којашто максимално ги користи можностите што ги имаме како држава во овој момент. И од таа гледна точка ние ќе продолжиме посветено да работиме“,
рече Муцуски.

Одговарајќи на дополнително прашање, Муцунски изјави засега не е планирана нова средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова. Сепак, како што додаде, средба е можно да се случи на маргините на некој министерските состаноци на НАТО и ОБСЕ закажани во декември годинава. Дополнително, Муцунски рече дека Македонија очекува да биде домаќин на состанокот на Платформата за соработка на земјите од Југоисточна Европа, истиот месец, што исто така ќе биде можност за средба со Петрова-Чамова.
На следната средба, тој рече дека со Петрова-Чамова очекува да разговараат како за европскиот пат на земјава, така и за одредени прашања поврзани со однесувањето на официјална Софија кои ја загрижуваат нашата држава, не само како земја кандидат за членство во ЕУ, туку и како рамноправна членка на НАТО.
„Но денес тука ќе застанам бидејќи не ми е целта моја изјава да стане дел од политичка кампања во Бугарија. Да почекаме изборите таму да завршат, демократијата да го направи тоа што најдобро знае да го прави, а потоа ние секако продолжуваме со дијалогот врз основа на позиции кои нашата влада веќе подолг период ги застапува“,
рече Муцунски.
Говорејќи за дијалогот со Бугарија, Муцунски кажа дека нема никаква гаранција дека решение ќе има. Рече дека македонската влада не е подготвена да прифати ниту решенија коишто привремено ќе направи санација, а долгорочно државата ќе ја доведе до истата ситуација во каква што е денес.

Земјите членки на ЕУ со кои македонските власти се во комуникација во врска со дијалогот со Бугарија, според Муцунски имаат почит кон позициите на земјава.
„Јасни сме во нашите позиции. Јас би рекол дека моето чувство е дека има почит за нашите позиции, но не смееме да застанеме, мораме да продолжиме активно да работиме и да ја користиме секоја можност за дијалог“,
рече тој.
Дијалогот, како што додаде, е клучниот елемент на дипломатијата, и доколку го нема, „не можеме да постигнеме решение било да е тоа на краток, среден или на долг рок“.
