Од вкупно 175, неважечки се четири ливчиња – сите во Скопје. Дванаесет обвинители не го искористиле правото на глас

Од петтемина кандидати за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК), тесна била трката меѓу двајца од претендентите – обвинителите Искра Хаџи Василева и Трајче Пеливанов. Ова го покажуваат резултатите од денешното гласање, кои на јавна седница вечерва ги сумираше изборната комисија од Советот на јавни обвинители.
Според сумираните бројки, Хаџи Василева добила вкупно 64 гласа од петте избирачки места, додека Пеливанов е зад неа со 57 гласа. Кандидатот Јован Цветановски добил поддршка од 30 колеги, додека Фатон Азизи заврши со 14 гласа. Најмалку има обвинителката Лидија Раичевиќ – 6 гласа.
Хаџи Василева освоила најмногу гласови на сите гласачки места, освен во Гостивар. Таму ја победил Пеливанов со 16 спрема 4.
На денешното гласање имало четири неважечки ливчиња – сите на гласачкото место во Вишото јавно обвинителство Скопје. Таму од 98 обвинители гласале 91. За Хаџи Василева гласале најмногу (31), додека второ место го делат Пеливанов и Цветановски со по 20 гласа. За Азизи гласале десет обвинители, а за Раичевиќ – шестмина.
Интересно е и што од вкупно 11 обвинители во републичкото обвинителство, гласале 10. И таму гласовите отишле кај двајцата фаворити. Шест од нив се определиле за Хаџи Василева, наспроти четворица кои го дале гласот за Пеливанов. На ова избирачко место денеска гласаше и државниот јавен обвинител Ненад Савески.
„Му честитаме неофицијално на кандидатот“,
прокоментира Комисијата и додаде дека тече жалбениот рок.
Искра Хаџи Василева е нова шефица на ОЈО ГОКК, ќе го наследи Ислам Абази – 360 степени
Инаку, вкупно 187 јавни обвинители имаа право на глас, а изборот денеска се спроведе во републичкото обвинителство и во четирите виши јавни обвинителства по апелациски подрачја – во Скопје, Гостивар, Штип и во Битола. Комисијата констатира дека избирачкиот материјал од сите гласачки места е пристигнат во утврдениот рок и уредно им е предаден.
(ВО ЖИВО) Сумирање на резултатите од денешното гласање за шеф на ОЈО ГОКК – 360 степени
Искра Хаџи Василева на шефовското место ќе го наследи Ислам Абази.
