При контролата на зелениот пазар во Чаир, според соопштението на Царината, биле затекнати три лица како ги продаваат тутунот и алкохолот за кои претходно не платиле акциза кон државата
При претреси на тезги на зеленот пазар во скопската Општина Чаир, екипи на Царинската управа заплениле 135 килограми режан тутин и 30 литри алкохол кои биле пуштени во промет без претходно платена акцизна давачка.

Акцијата и заплената ја извршиле царински службеници од „Царинарница – Скопје“ и мобилни тимови од Одделението за оперативни работи, а висината на акцизата чие плаќање било избегнато е пресметано дека изнесува 337 558 денари или околу 5 500 евра.
При контролата на зелениот пазар во Чаир, според соопштението на Царината, биле затекнати три лица како ги продаваат тутунот и алкохолот за кои претходно не платиле акциза кон државата.
Против две од лицата се поднесени прекршочни пријави, додека против едно лице кое продавало производи за кои било избегнато плаќање акциза од 257 000 денари (околу 4 200 евра), според Царината ќе биде поднесена кривична пријава.
Инаку, како што информираат оттаму, засилените контроли на зелените пазари, царинските тимови почнале да ги спроведуваат по опсежната акција под кодно име „Филтер“, во чии рамки беше разбиена организирана група за шверц на цигари. Во акцијата, за која во септември информира директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, беа откриени седум случаи на нелегален шверц и беа запленети 70 милиони парчиња цигари кои нелегално биле пуштени во слободен промет во земјава.
Во четири од случаите шлеперите натоварени со цигари влегувале преку граничниот премин „Богородица“, без нивното влегување воопшто да биде евидентирано од страна на царинските и полициските службеници. Во останатите три случаи шлеперите со цигари влегувале во земјава преку истиот граничен премин, во транзитна постапка. Два од нив биле со крајна дестинација до Молдавија, а еден до Србија.
