Набљудувачката организација предупредува на загрозување на тајноста на гласањето и притисок врз избирачите. Во Ветерник е поднесена пријава до полицијата поради сомневање за купување гласови и „бугарски воз“
Фотографирањето гласачки ливчиња е најчестата неправилност што ја забележале набљудувачите на ЦРТА во претпладневниот дел од изборниот ден во Србија.
Појавата е регистрирана на 25 отсто од набљудуваните гласачки места, а во Белград на повеќе од половината, соопшти организацијата.

Според ЦРТА, ваквата практика укажува на загрозување на тајноста на гласањето и на притисок врз избирачите.
На девет отсто од гласачките места е забележана комбинација од повеќе неправилности што може да укажуваат на обид за недозволена контрола врз гласањето. Меѓу нив се неовластено присуство на трети лица, фотографирање гласачки ливчиња и мешање на набљудувачи од одредени набљудувачки мисии во работата на избирачките одбори.
Неправилности при користењето на спрејот за обележување на избирачите се регистрирани на 12 отсто од гласачките места.
Во Ветерник, ЦРТА поднела пријава до полицијата поради сомневање за купување гласови и гласање по шемата позната како „бугарски воз“.
Организацијата оценува дека претпладневниот дел од изборниот ден го обележале многу висока излезеност, но и низа неправилности. Според нејзината претходно објавена процена, до 10 часот гласале 19,8 отсто од запишаните избирачи – двојно повеќе отколку до истиот час на парламентарните избори во 2023 година, кога излезеноста изнесувала 9,8 отсто.
Следниот пресек за излезеноста ЦРТА најави дека ќе го објави во 13 часот.
Во Србија денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните избираат 250 пратеници, а гласачките места се отворени до 20 часот.
Како што соопштија од организација, до 10 часот на предвремените парламентарни избори во Србија гласале 19,8 отсто од запишаните избирачи.
Тоа е двојно повисока излезеност во споредба со изборите во 2023 година, кога до истиот час гласале 9,8 отсто од избирачите.
