„Она што се случи денес беше терористички и расистички напад. Не дозволувајте овој терористички напад да нè раздели“, изјави Макрон, повикувајќи на почит и единство
За нападот, според францускиот обвинител за борба против тероризам е осомничено 39-годишно лице, идентификувано како Кевин Т. кого полицијата го запрела додека управувал автомобил
Едно лице е убиено, а пет се повредени, меѓу кои и 12-годишно девојче откако вооружено лице отворило оган од автомобил во градот Трап, западно од Париз, пренесоа светските медиуми. Францускиот претседател пукањето го оквалификува како терористички напад зад кој стојат расистички мотиви.

Тој вечерва го посети местото на нападот и изрази длабока така поради, како што го нарече, претходно испланираниот напад, истовремено осудувајќи ги манифестациите на расизам во француското општество, објави „Гардијан“.
Дванесетгодишното девојче, кое било погодено со осум куршуми, се наоѓа на болничко лекување.
„Она што се случи денес претставува пресвртница за нашата земја. Она што се случи денес беше терористички и расистички напад. Не дозволувајте овој терористички напад да нè раздели“,
изјави Макрон, повикувајќи на почит и единство.
Францускиот претседател наведе дека напаѓачот пукал во луѓето поради бојата на нивната кожа, истакнувајќи дека расизмот се почесто станува дел од „секојдневниот дискурс во Франција“, создавајќи лоша атмосфера во земјата.
Али Рабе, левичарскиот градоначалник на Трап, изјави дека напаѓачот пукал по случаен избор со намера да предизвика маскр додека возел низ градот и соседното место Ла Вериер. И тој, како и францускиот претседател, го окарактеризира нападот како „објективно расистички, а веројатно и исламофобичен“.
„Едно 12-годишно девојче се бори за живот откако беше погодено од рафал од автоматско оружје во нашата земја. Нејзиниот единствен ‘грев’ веројатно беше бојата на нејзината кожа. Ова е веројатно еден од првите обиди за масовно злосторство мотивирано од исламофобија и расизам“,
изјави градоначалникот чие семејство е со мароканско потекло.
Тој истакна дека секој во Франција има одговорност да придонесе за смиреност и хармонија и повика на колективна осуда на реториката која, како што кажа, идеолошки ги вооружува оние што се способни да извршат вакви дела.
Обвинители за борба против тероризам истражуваат дали напаѓачот пукал во жртвите врз основа на нивната „реална или претпоставена расна, етничка и национална припадност или религија“.
За нападот, според францускиот обвинител за борба против тероризам е осомничено 39-годишно лице, идентификувано како Кевин Т. кого полицијата го запрела додека управувал автомобил. Тој, според информациите во петокот, околу 10:30 часот наутро, поминал низ градовите Трап и Ла Вериер во департманот Ивелин и за временски период од 15 минути во повеќе наврати пукал од автоматско оружје – најпрво на бензинска пумпа, потоа во медицински центар и на детско игралиште.
Францускиот јавен сервис објави дека тој застрелал млад маж со африканско потекло, кој им подлегнал на повредите, а меѓу повредените била и жена која носела шамија и едно лице со потекло од Северна Африка.

Никола Денвил, градоначалникот на Ла Вериер, за агенцијата Франс прес изјавил дека двајца од ранетите во неговиот град биле хигиеничари со африканско потекло, кои во петокот наутро работеле во училиште, токму во моментот кога напаѓачот излегол од автомобилот и отворил оган.
Обвинителите соопштија дека, кога полицијата го запрела осомничениот во неговиот автомобил, кај него бил пронајден автомат „стен“ – британско автоматско оружје користено за време на Втората светска војна – како и гранати со солзавец. Според властите, мажот исто така поставил стапици во својот дом, користејќи плински боци и електрични жици поврзани со тајмер. Додадоа и дека еден член на неговото семејство е уапсен и приведен на испрашување.
„Истрагата е во тек, но јасно е дека станува збор за терористички чин. Станува збор за исклучително сериозен чин“,
изјави министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез пред новинарите во департментот Ивелин.
Инаку, пукањето се случува во момент на особено тензична атмосфера во Франција. Во земјата со денови има протести, а најнасилните беа минатата сабота кога беа запалени јавни објекти и уништени и ограбени стотици продавници, а најмалку 2 400 луѓе беа уапсени во градови низ целата земја. За утре се најавени нови протести, кои, според демонстрантите се последица на лошата состојба со образованието во земјата и високите трошоци за живот.
