Министерот за одбрана Владо Мисајловски, честитајќи им го првиот чекор кон офицерската кариера, рече дека униформата е чест, заклетвата е обврска, а службата кон татковината е одговорност што се докажува со дела

Фото: Фејсбук-профил на Владо Мисајловски
Вкупно 34 питомци од јубилејната 30. класа дадоа свечена заклетва на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, меѓу кои 28 домашни и шест питомци од Босна и Херцеговина.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, честитајќи им го првиот чекор кон офицерската кариера, рече дека униформата е чест, заклетвата е обврска, а службата кон татковината е одговорност што се докажува со дела.
Тој упати порака и до питомците од Босна и Херцеговина, истакнувајќи дека нивното присуство е потврда за улогата на Воената академија како центар на знаење, меѓународна соработка и градење доверба меѓу идните офицери од партнерските и сојузничките земји.
Осврнувајќи се на развојот на одбранбениот сектор, министерот истакна дека Министерството за одбрана, Генералштабот и Воената академија остануваат посветени на подобрување на условите за образование и обука, како и на модернизацијата на Академијата и Армијата.
Деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески, порача дека заклетвата е збор на чест и личен завет во кој должноста и достоинството секогаш стојат пред личниот интерес. Тој оцени дека развојот на одбранбените капацитети не се темели само врз вооружувањето, туку пред сè врз луѓето и вложувањето во военото образование и создавањето нови генерации офицери.
Танески им порача на питомците да бидат праведни и чесни додавајќи оти офицерската професија бара не само лидерски способности, туку и високи морални стандарди.
