Пред вештакот, исказ пред судот како сведок на одбраната даде таткото на сопругата на обвинетиот апелациски судија, кој одговараше на прашања поврзани со купопродажба на стан во Скопје. Според него, во финансирањето за купопродажбата и уредувањето на станот учествувале родителите на Ристов и родителите на неговата сопруга во сооднос пола-пола
Со сведочење на вешто лице на предлог на одбраната и на таткото на сопругата на апелацискиот судија Ѓоко Ристов денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес против Ристов кој се гони за прикривање имот и перење пари откако при претрес во семејниот дом на неговите родители во Неготино во ѕид од кујната беа пронајдени 350 000 евра.

На рочиштето прв пред судот исказ даде таткото на сопругата на Ристов. Тој одговараше на прашања на одбраната поврзани со купопродажба на стан во Скопје.
Во сведочењето, тој кажа дека станува збор за стан од околу 150 квадратни метри, чија вредност била околу 140 илјади евра.
Според него, во финансирањето за купопродажбата и уредувањето на станот учествувале родителите на Ристов и родителите на неговата сопруга во сооднос пола-пола.
„На семејна средба се договоривме заеднички да учествуваме во финансирањето на станот, пола-пола да учествуваат двете страни“,
одговори тој на прашање од одбраната, пренесе МИА.
Парите што ги дале, 70 илјади евра – половина, како што се договориле, биле во евра, а тој и неговата сопруга учествувале и во опремување на посочениот стан од нивната ќерка. Наведе и дека со клаузула потврдена со изјава на нотар, станот дополнително ќе биде впишан на неговиот внук, којшто го носи неговото име.
Вештото лице за испитување спорни документи и вештачење на ракописи и потписи, Емилио Фришчиќ, кој следен седна на клупата за сведоци, кажа дека во целост останува на она што е напишано во записниците од неговото вештачење. Според него, скриптор на трите ливчиња што биле пронајдени во банкноти откриени при претресот, била мајката на Ристов.
Тој пред судот појаснуваше дека кога одредно лице пишува нешто на хартија, со површината од кожата допира на неа и голема е веројатноста дека од тој контакт ќе останат епителни клетки што можат да бидат предмет на вештачење на ДНК. Но, доколку носи ракавици, пишува и внимава да нема допир со хартијата, во таков случај нема да има ДНК.
На прашањето од одбраната каде биле најдени парите, тој одговори дека согласно расположливиот материјал, доставен во дигитална форма до него, тие се пронајдени при претрес.
Инаку на 17 април, државното Јавно обвинителство соопшти дека при претресот на домот на родителите на судијата Ѓоко Ристов во Неготино, извршен на 18 јануари годинава, пронајдени биле вкупно 350.000 евра за чие потекло тој немал доказ и не ги пријавил. Парите биле пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел на дел имало рачно испишани износи на средствата. Парите биле заѕидани во простор во шуплините од цигли во ѕидот на една од собите. Ова, се посочува, предизвикало основано сомнение дека осомничениот судија во периодот од 10 февруари 2020 година, како службено лице судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи.
Обвинителството притоа информира дека од поведувањето на постапката, јавниот обвинител презел повеќе дејствија, со кои обезбедил цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства, со што, се посочува, се потврдиле елементите кои го исполнуваат битието на кривичното дело од член 359-а, противправно стекнување и прикривање имот.
Инаку, на претходното рочиште пред судот на предлог на одбраната сведочеа родителите на Ристов кои рекоа дека 350 000 евра што беа пронајдени заѕидани во кујната во нивниот семеен дом во Неготино се нивни и заработени низ годините од продажба на земјоделски производи. На прашањето на судијката Биљана Коцева зошто на парите и фолиите во кои биле завиткани нема нивни ДНК-траги, но се најдени траги од нивниот син Ѓоко Ристов, тие рекоа дека „нема шанси“, односно дека не веруваат во такво нешто.
Обвинителката Искра Хаџи-Василева, која го застапува случајот, тогаш ги оцени нивните искази како сведочење на маргините на веродостојноста.
„Низ една итарпејовска естетика зборуваа и сведочеа за настани и за факти, меѓутоа тие истите не наоѓаат никаква поткрепа во останатите докази и обезбедени материјали“,
рече Хаџи-Василева во изјава за медиумите на 8 октомври.
Следното рочиште е закажано за 3 ноември.
