Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека се пријавил за имунизација против сезонскиот грип како хронично болен, со цел да ја промовира важноста на заштитата и да го означи почетокот на процесот. Тој ги повика лицата над 65 години, хронично болните и трудниците да се заштитат од сезонски грип преку имунизација
Почна вакцинацијата против сезонскиот грип за ризичните категории граѓани во центрите за јавно здравје и во здравствените домови, информираат од Министерството за здравство.
Пристигнати се првите 30 000 дози, а според најавите на здравствените власти, до 15 ноември се очекува и втората пратка од 26 000 вакцини.

Од утрово до пладне се вакцинираа 368 лица. Првата вакцинација е направена во Виница во 07:45 часот.
И министерот за здравство Сашо Клековски денеска се вакцинира на пунктот во рамките на Институтот за јавно здравје, кој првенствено е наменет за вакцинација на здравствените работници.
„Се вакцинирав. Се пријавив за вакцинација против сезонски грип како хронично болен. На овој начин сакав да ја промовирам и потребата од вакцинација и истовремено да го означам почетокот на вакцинацијата против сезонски грип. Нема подобар начин да се заштитите од сезонски грип ако сте над 65 години, имате хронични болести или сте трудница“,
рече тој.
Посочи дека за една недела се пријавени 55 илјади лица, а најголем дел од нив или 60 отсто се над 65 години и се хронично болни. Најмногу пријавени има во Скопје, Прилеп, Струмица и Тетово.
„Вакцинацијата ќе се одвива со планираното темпо. Значи сите центри се подготвени за вакцинација и има доволно количини“,
кажа министерот.
Ги повика здравствените работници во поголем број да се одзват на вакцинацијата.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека во изминатиот период имало двајца заболени од грип. Сепак, потенцира дека оваа недела до денеска нема потврден случај на грип.
Оваа недела до денеска, посочи таа, нема потврден случај на грип.
Директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, д-р Димитар Каркински, апелира покрај хронично болните, против сезонски грип да се имунизираат и лицата со хронични респираторни заболувања, особено поради зголемениот број пациенти во декември и во јануари.
