Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, информира дека изборниот процес поминал без поднесени приговори

Стојанчо Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Аркин Јахији од „Националната алијанса за интеграција“ ќе се соочат во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, кој ќе се одржи на 1 ноември.
Ова следува откако Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на својата 23. седница едногласно го усвои заклучокот за конечност на резултатите од првиот круг одржан на 18 октомври.
Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, информира дека изборниот процес поминал без поднесени приговори.
„Истекоа и двата рока за поднесување приговори, и оној за постапката на гласањето, кој истече вчера во 19 часот, и оној за постапката за утврдување и сумирање на резултатите од гласањето, кој беше до денеска во 12:30 часот. До истекувањето на овие два рока ниту еден приговор не беше поднесен до Државната изборна комисија“,
соопшти Маричиќ.
Според првичните официјални резултати што ги објави ДИК ден по гласањето, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радически, има 2 945 граѓани, додека второпласираниот Аркин Јахији од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ) освоил 2 152 гласови.
