Приговори за постапката за гласањето може да се поднесат најдоцна до вторник (20 октомври) до 19 часот, односно во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето. Приговори, пак, за резултатите може да се поднесуваат до среда (21 октомври) во 12:30 часот, што е 48 часа по денешното објавување на првичните официјални резултати

Државната изборна комисија (ДИК) ги објави првичните официјални резултати од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница. Според податоците, гласале вкупно 7 572 избирачи од запишаните 16 256, што претставува излезеност од 46,58 проценти.
Најмногу гласови има кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радически, за кого гласале 2 945 граѓани односно 38,89 отсто од излезените гласачи.
Според претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, второпласиран е кандидатот Аркин Јахији од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ) кој освоил 2 152 гласови или 28,42 проценти, третопласиран е кандидатот Јакуп Хусеини од Влен со освоени 1 529 гласови или 20,19 проценти, а четвртопласиран кандидат е Јовица Радески од СДСМ и коалицијата за предвремените избори за градоначалник во Општина Брвеница, кој освоил 707 гласови или 9,34 проценти. Петтопласиран е Душан Богдановски – група избирачи со 57 гласа, а шестопласирана е кандидатката Арифе Идризи – група избирачи која освоила 21 глас.
Приговори за постапката за гласањето може да се поднесат најдоцна до вторник (20 октомври) до 19 часот, односно во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето. Приговори, пак, за резултатите може да се поднесуваат до среда (21 октомври) во 12:30 часот, што е 48 часа по денешното објавување на првичните официјални резултати.
ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорите да донесе одлука. Приговорите, нагласи тој, подносителите мора да ги доставуваат исклучиво во архивата на ДИК.
Претседателот на ДИК појасни дека против одлуката на ДИК по приговорите подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Судот е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на тужбата.
„Државната изборна комисија конечните резултати од изборите ќе ги објави веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по завршување на нивната конечност, што значи 24 часа по завршување на целата постапка по приговорите“,
кажа Маричиќ.
Според законот, двајцата првопласирани кандидати – Стојанчо Радически и Аркин Јахији – продолжуваат во вториот круг од изборите што ќе се одржи за две недели.
Предвремените локални избори во Брвеница се одржаа бидејќи на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски.
