Демонстрантите, пак, ги повикуваат да ги заштитат деловните објекти, како и јавниот и приватниот имот, за да ѝ се одземе на владата секаков изговор за употреба на сила и за делегитимирање на протестот

Синдикатот на вработените на универзитетите во Албанија (SPUSH) денес изнесе пет јавни барања до владата, како поддршка за студентите и за протестите што во моментов се одвиваат низ целата земја, пренесува албанската државна новинска агенција АТА.
Преку официјално соопштение, Синдикатот бара оставка од премиерот Еди Рама и формирање преодна влада, со цел да се обезбеди институционална стабилност и усогласување на владините дејствија со волјата на граѓаните.
Освен ова, универзитетските професори и вработени бараат и прекин на употребата на сила врз демонстрантите, заштита на граѓанските права, како и официјални изјави од странските амбасади лоцирани во Тирана.
„Го повикуваме премиерот Рама да ги земе предвид загриженостите на студентската заедница и да ѝ овозможи на земјата да тргне кон мир. Бараме негова итна оставка и формирање преодна влада, чија задача ќе биде да го врати институционалниот поредок, да ги намали тензиите и да ги усогласи владините дејствија со волјата на јавноста“,
се вели во петицијата која ја пренесува АТА.
Од полицијата и другите органи Синдикатот бара веднаш да престанат со секаков вид насилство врз студентите и да одбијат да извршуваат незаконски наредби.
„Не заборавајте дека оние што денес ви ги даваат овие наредби, утре ќе ги негираат, додека одговорноста ќе остане исклучиво на вас, бидејќи граѓаните и медиумите ве снимаат“,
додаваат од Синдикатот.
Тие ги повикуваат дипломатските претставништва во Тирана јавно да интервенираат за да се обезбеди почитување на правата на граѓаните, на ист начин како што правата на граѓаните се почитуваат во нивните земји.
Демонстрантите, пак, ги повикуваат да ги заштитат деловните објекти, како и јавниот и приватниот имот, за да ѝ се одземе на владата секаков изговор за употреба на сила и за делегитимирање на протестот.
„Ги повикуваме граѓаните на Тирана, исто како во 1991 година, да им се придружат на студентите за да спречат насилство врз нив. Ниту една влада нема доволно полицајци или солзавец за цела нација“,
велат од Синдикатот.
Синдикатот на вработените на универзитетите во Албанија денес организира мирен марш како поддршка за студентите, кои веќе осум дена по ред протестираат во Тирана.
За време на денешниот протест во Тирана беше организиран марш од Политехничкиот универзитет до зградата на владата. Демонстрантите извикуваа „Оставка“, „Полицијата е на државата, а не на власта“ и „Симнете ги шлемовите“. Столчињата пред зградата, кои Рама ги поставил утринава со натписи „дијалог“, биле превртени, а натписите искинати.
Според пишувањата на албанските медиуми, денеска полицијата употребила солзавец и водени топови за да ги потисне демонстрантите.
Evening brings renewed violent clashes to Tirana. Albanian police, with support from Erdogan’s Turkey, have deployed additional water cannons to suppress the youth protest. PM Rama mocked professors today, who have announced a nationwide boycott until student demands are met. 🦩 https://t.co/k7gIJYgXjt
— Tirana Report (@Tirana_Report) October 20, 2026
Од почетокот на протестите во Албанија, кои денеска влегоа во својот осми ден, се повредени повеќе од 300 лица.
Антивладините протести во Албанија, со кои се бара оставка од премиерот Еди Рама, започнаа на 13 октомври, а се проследени со инциденти, насилство и судири на демонстрантите и полицијата.
Студентите протестираат поради зголемените трошоци за образование и влошените услови на универзитетските кампуси, а ја обвинуваат власта за корупција и за запоставување на образованието. Тие се револтирани и поради продажбата на недопрени делови од албанскиот брег на Јадранското Море за изградба на луксузен комплекс, проект зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
