Дронот оштетил патничко возило, но никој не е повреден, изјави шефот на националниот центар за кризни ситуации Вилмантас Виткаускас. Тој додаде дека засега е непознато дали леталото носело експлозив, а истрагата е во тек

Дрон, кој во воздушниот простор на Литванија веројатно дошол од соседна Полска, се урна на северот од оваа земја-членка на ЕУ и НАТО, објави денеска министерот за одбрана Робертас Каунас.
Дронот оштетил патничко возило, но никој не е повреден, изјави шефот на националниот центар за кризни ситуации Вилмантас Виткаускас. Тој додаде дека засега е непознато дали леталото носело експлозив, а истрагата е во тек.
Литванија ги повика жителите од централните и северните делови на земјата да заминат во засолништа поради неидентификуван летечки објект, соопштија литванската армија и Националниот центар за управување со кризи.
Борбени авиони на НАТО биле упатени на тоа подрачје, а аеродромот во Каунас бил затворен околу еден час откако било издадено црвено предупредување за воздушниот простор.
Летонија, северниот сосед на Литванија, издаде жолто предупредување за воздушниот простор во некои региони долж границата со Литванија, посочувајќи на можна закана. Тревогите во двете земји по околу еден час беа укинати.
Украински дронови во последните месеци во повеќе наврати влегоа во воздушниот простор на НАТО во земјите од балтичкиот регион. Киев изјави дека тие сркшнале од предвидената патека поради руското попречување на сигналот. Тоа поттикна стравувања дека руската војна во Украина се прелева преку границите на НАТО.
Полската војска исто така денеска извести за можно нарушување на својот воздушен простор. Засега нема потврда дека неидентификуваниот објект навлегол во полскиот воздушен простор. Војската соопшти дека на југот од регионот Лублин распоредила копнен тим за пребарување и спасување кој го пребарува подрачјето во потрага по можното место на падот на објектот.
